Нови апсења поврзани со проневера во „Државна лотарија“
Две лица се приведени во нов случај на злоупотреби во Државна лотарија. Управата за финансова полиција во соработка со ОЈО работи на нов случај поврзан со милионска проневера.
Како што дознава Сител од свои извори, приведена е екс раководителката на финансии во Државна лотарија и уште едно лице. Се сомничат дека направиле злоупотреба на 80 милиони денари.
Детали од обвинителството се уште не споделуваат бидејќи акцијата е се уште во тек, се вршат претреси на неколку локации.
Според информациите до кои дојдовме, овие пари биле проневерени во периодот кога директор на претпријатието бил Перпарим Бајрами, кој во моментов е првоосомничен и му се суди во отсуство во предметот „Лотарија“.
Овој нов финансиски скандал се надоврзува на актуелниот судски процес за предметот „Лотарија“ против Перпарим Бајрами и поранешниот вицепремиер Артан Груби кои според обвинението ги пречекориле службените овластувања и предизвикале штета на „Државната лотарија“ во износ од 9,7 милиони евра.
Според истрагата и наодите од Државниот завод за ревизија, за време на раководството на Бајрами биле откриени сериозни финансиски малверзации, нелогични трансакции со кеш од дневниот пазар.
На последното судско рочиште се случи голем пресврт кога првиот сведок на обвинителството, директор на секторот за игри на среќа во претпријатието даде исказ сосема спротивен на оној што го дал во истрагата.
Поради тоа што во судницата тој ги бранеше обвинетите и тврдеше дека се било работено плански за зголемување на профитот, обвинителите почнаа со вкрстено испрашување и го прогласија за непријателски сведок.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
