Свет
27. April 2017 - 12:05

Велика Британија сака „длабоки и специјални“ врски со ЕУ по Брегзит

Велика Британија сака да има со ЕУ „длабоки и специјални“ врски по британското повлекување од Унијата, соопшти Даунинг стрит 10, коментирајќи ја синоќешната средба во Лондон на британскиот премиер Тереза Меј со претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер.

Двочасовните разговори, со работна вечера, на кои присуствувале и Мишел Барније, раководител на преговарачкиот тим на ЕУ за Брегзит и британскиот министер Дејвид Дејвис кој ќе ја предводи британската делегација, портпаролот на премиерот Меј ги оцени како конструктивни.
На средбата и во текот на разговорите, станало збор за клучните области и прашањата што беа предмет на несогласувања и на јавни реагирања, уште пред да почнат формалните преговори.

Станува збор за навестувањето од ЕУ, дека сметката што ќе треба да ја плати Британија за „разводот“ со Унијата, ќе изнесува 50 милијарди евра, потоа за правата на државјаните на ЕУ во Британија и на Британците во државите членки, како и за „случајот Гибралтар“ и идниот статус на оваа сега британска прекуморска територија на Пиринејскиот полуостров.

Според британското објаснување, средбата во Даунинг стрит 10 била организирана за да се обезбеди „смирена атмосфера“ пред почетокот на преговорите, кои по се изгледа ќе започнат на почетокот на јуни, чекајчи да завршат француските избори и за да се знае кој е новиот претседател на Франција.

Лондонските разговори на Меј со Јункер доаѓаат непосредно пред специјалниот самит на ЕУ за Брегзит, во Брисел, што ќе се одржи оваа сабота, на кој земјите членки ќе го договараат дневниот ред за европско-британските преговори.

Министерот за Брегзит, Дејвис претходно изјави дека Британија има основа за да се чувствува оптимистички пред почетокот на преговорите, објаснувајќи дека таквиот впечаток го добил по неговите посети на четири земји членки на Унијата и претходно на десет други, меѓу кои и оние кои навестуваат дека ќе имаат „тврда„ позиција кон британското повлекување од Унијата.