Велешките таксисти бараат повисоки цени за такси превозот
Здружението на такси превозници бара од Советот на Општина Велес зголемување на цената, што беше разгледувано на последната 42 и за тоа ќе се разговара и на претстојната 43 седница. Но, легалните велешки такси превозници речиси два месеца, почнувајќи од 1 септември возат по нови повисоки цени што е спротивно со Законот за превоз во патниот сообраќај и Одлуката за авто такси превоз во Општина Велес, издадена од Советот. Од одделението за сообраќај при Општина Велес за МИА реагираат дека со тоа велешките таксисти го прекршуваат законот и одлуката на Советот.
Надлежните за сообраќај на Општина Велес појаснуваат дека фискалните апарати кои се баждарени во такси возилата уште се по старите цени, а таксистите два месеци возат по нови – повисоки цени, а кои не се одобрени од Советот.
-Затоа ние како надлежни им укажуваме на граѓаните кои користат авто такси превоз во градот, при секое возење со такси возилата да си побараат фискални сметки, заради тоа што фискалните апарати се баждарени по старите цени утврдени од страна на Советот на Општина Велес. Поради тоа и таксистите немаат законско право да им наплатуваат по нови повисоки цени, со што го кршат Законот и Одлуката за авто такси превоз во општината, потенцираат од одделението за сообраќај на Општина Велес.
Здружението на такси превозници бара од Советот дневната тарифа од 5 до 23 часот од сегашните 40 да се зголеми на 50 денари за старт до првиот километар и наместо по 20 да возат по 25 денари за секој нареден километар.
Тие бараат и воведување на ноќна тарифа од 23 часот па до 5 наутро, по 60 денари за старт и првиот километар и 25 денари за секој нареден. Бараат и тарифа за возење надвор од Велес до друга општина, 100 денари за старт и прв километар и за секој нареден километар по 25 денари.
Велешките таксисти бараат од Општината намалување на издадените изводи од лиценци од сегашните 250 на 200 такси возила.
Здружението на такси превозници своите барања ги обраложи пред советниците на последната 42 – ра седница на Советот, а по нив ќе се разговара и на претстојната 43-та седница која ќе се одржи наредната недела.
Тони Јосифов претставник на Здружението на такси превозници на Велес пред советниците ваквото барање го правдаше со тоа дека моменталната цена за авто такси превоз е мала за одржување на возилата и за егзистенција на нивните семејства.
– Имаме и дополнителни трошоци што моравме да инсталираме таблет во возилата, а воедно инспекциите не праќаат и на вонредни технички прегледии на возилата, што дополнително не чини, вели Јосифов.
Тој посочува дека голема пречка во градот со години им се таканаречените „диви таксисти“ кои не плаќаат лиценци и други давачки кон општината, а им ја преземаат работата и бараат од надлежните од општината да се регулира нивниот статус.
Од друга страна, пак, граѓаните на Велес се жалат за се помалиот број такси превозници во градот.
Ново на Сител
-
Аврамовска Мадиќ: Излезноста на внатрепартиските избори за претседател на СДСМ 54 отсто
-
Деспотовски најави приговори за изборите за претседател на СДСМ
-
За ниедни пари не би пеела за партија | Лара Иванова | ПРОфесија | Sitel Podcast 049
-
Французите масовно гласаат во првиот круг од парламентарните избори
-
Гувернерот на Истанбул ја забрани Парадата на гордоста, го затвори центарот на градот
-
За влез во земјава на „Табановце“ се чека два часа, на останатите премини околу еден час
-
Два хеликоптера на МВР вклучени во гасењето на пожарот кај Василево
-
Најмалку 18 лица загинаа, а 30 се ранети во три напади на жени бомбаши самоубијци во Нигерија