Македонија
6. October 2019 - 19:34

Важна е заштитата на културното наследство

Последните 10 години во Битола и пошироко во Македонија, не се одржале конференции и симпозиуми посветени на заштитата на културното наследство. Токму деновиве во Битола етнолози конзерватори од Македонија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина и Србија го одржаа осмиот симпозиум на кој донесоа заклучоци како да се зачува богатото културно наследство на овие простори.

-Годинава имаме чест да се организира во Битола, градот богат со културно наследство, евидентирано, регистрирано, но и малку запоставено. Кога станува збор за традицоналната архитектура во градот, во минатите 34 години колку што јас имам стаж во Завод и музеј Битола,  скоро ниеден објект во градот не е конзервиран и реставриран. Очекуваме во идните години Министерството за култура, општината и јавноста да имаат повеќе интерес, разбирање и повисока свест за заштитата на традиционалната куќа во градот, на старата битолска куќа, односно балканската куќа од ориентален тип“, изјави ВИКТОРИЈА МОМЕВА АЛТИПАРМАКОВА, ЕТНОЛОГ КОНЗЕРВАТОР ОД ЗАВОД И МУЗЕЈ БИТОЛА.

Управата за заштита на културното наследство може да помогне со надминување на административно-правните пречки.

-Управата за културно наследство може да помага ако неодмага, или не прави административно правни пречки. Треба да ги отвориме комуникациските канали што се затворени и институциите бидат примарни како директни учесници, проектанти и надзор на објектите, изјави АЦО КОСТОВ, ДИРЕКТОР НА УПРАВАТА ЗА ЗАШТИТА НА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО.

За ревитализација на културното наследство треба да се искористат и европските фондови.

-Дека наследството е запоставено на овие наши простори повеќе од Западна Европа, знаеме дека е така. Затоа тука разговаравме за финансирањето преку европските фондови за обнова на наследството, особено на важни историски објекти, дворци, цркви кои ги има во нашите држави, а не се доволно зачувани или се запуштени, изјави АНА МЛИНАР, ЕТНОЛОГ КОНЗЕРВАТОР ОД ЗАГРЕБ.

Таа дополни дека наследството на овие простори мора да се чува од пропаст.