Увидните дејствија за несреќата во Кочани сѐ уште траат, велат од ЈО
Од Јавното Обвинителство информираат дека увидните дејствија на терен за несреќата во дискотеката „Пулс“ сѐ уште траат, а државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска повторно е во Кочани каде што ги координира активностите на тимот обвинители назначен да ги спроведува истражните дејствија. Оттаму најавија евентуална изјава во Основното јавно обвинителство Кочани.
Од ЈО утрово информираа дека обвинителскиот тим е проширен и го сочинуваат двајца јавни обвинители од ОЈО Кочани, двајца јавни обвинители од ОЈО Штип и пет јавни обвинители од ОЈО Скопје.
Дополнително, посочија дека синоќа се издадени повеќе дополнителни наредби, вклучително наредба за пребарување на серверите и на уште еден компјутер во Министерството за економија и наредба за графолошко вештачење на потписи на одредена документација.
Исто така, информираа дека во тек се рочишта за определување притвори за лицата осомничени за случајот со пожарот во дискотеката во Кочани.
За случајот досега се сослушани над 20 лица, а за 11 Обвинителството поведе постапка за проверка. Од нив за осум лица веќе е поднесен предлог за краткотраен притвор, додека останатите три сѐ уште се хоспитализирани во потешка здравствена состојба.
Мерката краткотраен притвор e процесен институт за обезбедување присуство на лицата за кои постои основано сомнение дека извршиле кривично дело, а се предлага во особено сложени предмети, кога е потребно да се прибере поголем обем на докази за проверка на сите околности и евентуално формално поведување истрага.
Оваа мерка, предвидена согласно член 170 од Законот за кривичната постапка, може да се определи најмногу два пати по 48 часа без да биде донесена формална наредба за спроведување истражна постапка.
Тоа му овозможува на јавниот обвинител да го задржи лицето за кое постои сомнение подолго од основните 24-часа полициско задржување.
Смислата на оваа законска одредба е да му овозможи на јавниот обвинител да има доволно време, особено во тешки и сложени предмети, да ги преземе сите активности и да ги утврди фактите и околностите, како и конкретните својства и дејствија на лицето кои ќе ги испитува понатаму во истражната постапка.
По формалното отворање на истрагата, јавниот обвинител предлага нови мерки за обезбедување на осомничениот, односно краткотрајниот притвор се укинува и најчесто се определува редовен притвор.
За мерката краткотраен притвор во моментов одлучува судија на претходна постапка во Основниот суд во Кочани. Од Јавното обвинителство немаат информации до каде е постапката.
Во пожарот што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани животот го загубија 59 млади лица, а над 140 настрадани се згрижени во земјава и странство.
Според досегашната истрага на институциите, во дискотеката немало хидрантска мрежа и доволно ПП апарати, во неа противзаконски биле користени пиротехнички материјали, немала ниту легална лиценца за работа и не бил склучен писмен договор меѓу организаторот и групата што настапувала.
Ново на Сител
-
ВЛЕН во центарот на Дебар му оддаде почит на Андреј ДНК
-
Авиoн на грчкoтo воeно воздухопловство вечервa од Скопје ќе пренесе во Атина тројца повредени
-
Во Пустец оддадена почит на загинатите во трагедијата во Кочани
-
Уште 12 повредени префрлени на лекување во Србија, тројца во Грција и двајца во Австрија
-
Српскиот град Чачак на ЛЕД екраните низ градот го истакна македонското знаме
-
Притвор за Беким Максути, поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување
-
„Заедно седеа во клупа, заедно заминаа кај ангелите“, наставничка емотивно се прости од Никола и Матеј кои загинаа во пожарот
-
„Ројтерс“ објави ВИДЕО од багери кои ги копаат гробните места на посебно место во гробиштата