Утре гласање за избор на шеф на обвинителството за организиран криминал
Советот на јавни обвинители утре ќе избира нов шеф на јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Суспендираната шефица Вилма Русковска, обвинителите Деса Пауновска, Ермон Незири и Ислам Абази се 4 кандидати кои претендираат да го раководат. Гласањето ќе се одвива од 7 и 30 до 15 часот. Русковска за Сител вели очекува да биде повторно избрана од своите колеги а со тоа сите ќе докажат дека се против нанесените неправди кои и се случија во изминатито период.
Обвинителката Пауновска е со исти очекувања, вели во својата програма нуди модерно и експедитивно работење на обвинителството, најавува поголема соработка со институциите и формирање на побројно одделение кое ќе работи на предмети поврзани со корупција.
Ермон Незири кој е заменик во ова обвинителство е убеден дека изборот ќе биде непристрасен и без политички мешања. Во изјава за медиумите тој порача –
Јас сум убеден дека политиката нема да вмеша прсти во овој избор. А доколку проба, ќе добие сигурно, повтратна реакција од која нема да биде задоволен. Повторно кажувам, се работи за обвинители со дигнитет, интегритет, професионалци кои имаат право да воспостават темели на работа на најважното обвинителство, зборувам за ОЈО-ГОКК. Материјали, просторни, кадровски и други проблеми се неспорни. Но таму мора да се вклучи соработка со други институции.
А наша работа како обвинители е на два акценти: подобрување на евентуално нарушени човечки односи, дружба поголема помеѓу обвинителите и ако зборуваме за професионалност во програмата е наведено, тоа е спроведување на финансиски истраги, меѓутоа, со конфискација и завршница“.
Ова е прв ваков избор на шеф на ОЈО ГОКК по измените на Законот за јавни обвинители, каде согласно член 66, основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК се избира од страна на Советот на јавни обвинители по спроведено гласање од страна на сите јавни обвинители во државата. На 7 ноември е гласањето по што се доставуваат резултатите, а Советот во рок од седум дена треба да одржи седница на која ќе донесе одлука за именување.
Мандатот е за време од четири години од редот на избраните јавни обвинители со право на повторен избор.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар