Македонија
19. February 2025 - 19:48

Уставен суд поведе иницијатива по предлог на обвинителката Ленче Ристовска

Сами си даваат највисоки оценки и си трасираат пат за унапредување во кариерата. Членовите на Советот на јавни обвинители, иако, не извршуваат јавно обвинителска служба, тие позитивно го оценувале сопствениот четиригодишен мандат. За таквата пракса, постапка поведе Уставниот суд.

Последен кој доби унапредување заради позитивна оценка заради членство во советот е претходниот претседател, Антонио Јолевски. По истек на неговиот мандат експресно беше унапреден во Виш обвинител. Во меѓувреме, од уставниот суд, уверуваат дека многу брзо ќе одлучат за уставноста на правилото за позитивно оценување.

Преиспитување на позитивното оценување  побара обвинителката Ленче Ристоска која доби потврда дека советот ја дискриминал. Била млада и користела породилно отсуство, па според советот, не можела да биде унапредена во виш обвинител.

Кај Уставните судии пак немаше дилема, ако не работат како обвинители, не може да бидат оценети. Досегашното постапување на членовите го сметаат за скандалозно. Сепак, велат мора да се вреднува и ангажманот во Советот.

-Добрила Кацарска: Тоа се обвинители кои во советот ќе поминат четири години. Ако тој период не се оценува, кога тие ќе добијат можност за унапредување?

-Дарко Костадиновски: Правен апсурд е сегашниот начин на оценување. Мора да се најде друго решение.

Обвинителката Ристоска, во својата иницијатива навела дека оценувањето е прашање кое не се уредува со деловник, па нејзин впечаток е дека членовите, сами си доделиле право и поволност за напредок во кариерата.