Свет
25. October 2024 - 18:15

Урсула фон дер Лајен во Белград: Партнерството меѓу Србија и ЕУ станува се посилно

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави денеска во Белград на прес конференција со претседателот Александар Вучиќ дека ЕУ е трговски партнер број еден на Србија, која има се подобри економски резултати и истакна дека е на добар пат од следната година да стане дел од единствената зона за плаќање во евра, што ќе го олесни трансферот на пари и ќе ги направи побрзи, побезбедни и поевтини, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ посочи дека се надева оти Србија до крајот на годинава ќе го отвори кластерот 3 во преговорите за пристапување во Унијата.

Претседателката на ЕК на пррес конференцијата нагласи три иницијативи, меѓу кои е и Планот за раст на Западен Балкан, кој, според неа, треба да ги приближи економиите од регионот до економијата на ЕУ и да го интегрира регионалниот пазар со единствениот европски пазар.

-Принципот е многу едноставен. Ја отвораме вратата за српските компании во одредени сектори. За возврат, потребни се реформи за фер услови на пазарот, кои ќе бидат поддржани со дополнителни инвестиции од ЕУ, изјави претседателот на ЕК, која додаде:

„Драг Александар, сакам да ви се заблагодарам на вас и на вашиот тим за одличната работа кога станува збор за агендата. Тоа е одлична реформска агенда. Сега ние треба да започнеме со имплементација на 1,6 милијарди евра што Србија ќе ги добие во рамки од Планот за раст“.

Фон дер Лајен истакна дека Србија е веќе една од најнапредните земји во процесот на пристапување, поради што во тек е отворањето на кластерот три и посочи дека Србија може да биде сигурна, како идна членка на ЕУ, дека Унијата ќе ја почитува и заштити „нејзината прекрасна природа“ кога станува збор за критичните минерали.

-Ќе работиме со локалните заедници за да се применат европските стандарди, рече фон дер Лајен.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека Фон дер Лајен побарала од Србија многу поголемо усогласување со декларациите за надворешната политика на ЕУ и почитување на некои други прашања.

Тој истакна дека инфраструктурните проекти на кои работи со ЕУ се исклучително важни за Србија, истакнувајќи ја пругата Белград-Ниш како најважен проект, дека се гради и пругата Ниш-Димитровград, како и дека ќе се гради од Ниш-Брестовац, па се до Прешево и границата со Северна Македонија.

-Значи, тоа е крвотокот на нашата земја и верувам дека во следните неколку години ќе го завршиме овој проект кој е од огромно национално значење со ЕУ, рече Вучиќ.

Тој кажа дека со претседателот Фон дер Лајен не разговарал за литиум, минералните суровини, но дека верува дека подоцна вечерва ќе разговараат и за тоа.