Во тек се консултации за нови членови на Комисијата за помилување
Консултациите за нов состав на Комисијата за помилување се во тек, но на претседателката на државата не ѝ се брза. Сиљановска Давкова појаснува дека се разговара во тек со луѓе од сите профили, експерти, луѓе од невладин сектор, психолози, невропсихијатри, новинари. Но за евентуални измени на начинот на помилување на осудени лица, претседателката вели ќе се слушаат искуствата и на поранешни членови на комисијата.
-Да, тоа беше неколку пати закажувана и одлагана средба заради други настани. Мислам дека е добро време да се слушнат мислењата на сите претходни членови на комисии за потоа да видиме какви се нивните искуства, кои се нивните сознанија и во кој правец треба да одат промените, вели Сиљановска Давкова.
Се уште е на ставот дека стореното дело и поведението во затворската установа треба да бидат најважни критериуми за помилување. Но вели, судот е тој којшто е должен да го креира досието на осуденикот, да ги наведе сите релевантни акти, а не само пресудите и поведението.
Доколку државата го ускрати правото на помилување, тогаш според претседателката можни се реакции од меѓународни институции.
-Набрзо ќе се соочиме со обвинение од Советот на Европа дека можеби понекогаш сме го суспендирале правото на помилување на луѓето што може да се третира како тортура. Значи, во затворот не седат, а може и да седат само научници, интелектуалци, седат луѓе кои згрешиле и затоа имаат право на помилување доколку по сторената грешка тие направиле чекори на ресоцијализација, вели Силјановска Давкова.
По оставката на членовите на Комисијата, по помилувањата за 23 октомври, кабинетот на претседателката прво ќе го одбере новиот состав, па дури потоа ќе се бара решение за промена на начинот на помилување. Меѓу можни решенија е во ова тело да влезат членви по функција или актуелни судии и обвинители кои можат да имаат подетални информации за конкретни осудени лица. Друга е опција е за осуденото лице да се извади потврда од судот или од МВР дека за него во моментот не се води некаква постапка или дали се користат разузнавачки информации.
Последните помилувања од претседателката предизвикаа силни реакции бидејќи меѓу 10-те помилувани се најде водач на наркокланот „Барон“, кој експресно беше уапсен за друго кривично дело – обид за убиство. Меѓу нив помилуван е и брат на Шенки Версаче, познато лице од скопското подземје. По реакциите, членовите на Комисијата за помилување поднесоа оставка.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар