Трет ден „Депонијада“ во Кочани
Трет ден „Депонијада“ како што кочанчани саркастично го нарекоа протестот и блокадата на патот кој води кон градската депонија. Револтираните граѓани не дозволовуваат камионите со смет да поминат и да го одложат отпадот, зашто ѓубриштето постојано се пали и чади и испуша токсични материи во воздухот. Бараат затворање и итна дислокација на депонијата.
- На 15-20 километри, помеѓу Кочани, Пробиштип и Свети Николе има празни простори каде има пристап и за возила, каде што нема во близина селски и градски населби. Тоа, на крај краишта не е на нас граѓаните да го размислуваме, ние за тоа доволно плаќаме луѓе едуцирани, експерти, нека повелат и нека го решат проблемот најбрзо што можат, изјави Благица Сабовљевиќ, жителка на Кочани.
- Тоа е таков мирис што не загушува, не пече на очите, едноставно ни ја зема силата, изјави Моне Георгиев, жител на Кочани.
Градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, истакна дека сочусвствува со револтираните граѓани, но од неделата наваму на депонијата се врши најголемиот зафат за затрупување на отпадот, а сега ќе се соочат со проблем на депонирање на сметот од општината.
- Соседните општини не знам како се снаоѓаат, но нашето ѓубре останува на територијата на градскот подрачје и не сме во состојба да го пласираме. Ѓубрето кое ќе остане од овие 3 дена, ќе ни биде потребен цел месец за да се фати континуитет за да се реши и складира на самата депонија, изјави Љупчо Папазов, градоначалник на Кочани
Процесот се усложни кога почна затворањето на депониите во помалите општини, кога количните на отпад на кочанската депонија се зголемија за дополните 50%. Крајното решение на проблемот е изградбата на Центарот за управување за отпад за двата региони, источниот и североисточниот кај светиниколското село Мечкуевци.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар