УНИЦЕФ: Секој деветти смртен случај кај новороденчињата во С. Македонија е поврзан со загаден воздух
Едно од девет починати новороденчиња во Македонија умреле поради загадениот воздух. Според најновите податоци од УНИЦЕФ 11,6 отсто од смртните случаи кај деца до една година во 2021 година се поврзани со аерозагадувањето во земјава.
Од организацијата предупредуваат дека бебињата и малите деца се најизложени на ризик од смрт и лошо здравје поради дишењето загаден воздух.
- Овие податоци се особено загрижувачки, бидејќи раната и честа изложеност на загаден воздух влијае врз развојот на мозокот, белите дробови и органите на бебињата, што има последици врз здравјето и учењето во текот на целиот живот“, вели Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ.
Гинеколозите велат дека загадениот воздух лошо влијае врз бебето уште во утробара на матката, а најпогодени се белите дробови, мозокот и срцето.
-Колку белите дробови не се развиени како што треба ние овие дебиња ги следиме и на детска возраст па кај оние кои се од животни средини со поголемо аерозагадување забележуваме поголем процент на респираторни проблеми, астма, поголем процент на алергии, поголем процент на хронични белодробни болести... изјави асс. д-р Весна Чибишева, специјалист по гинекологија и акушерство на ГАК
Од Уницеф посочуваат дека во февруари годинава Скопје повторно се најде меѓу 10-те најзагадени градови во светот, а штетните ПМ честички повеќе од 100 дена во годината ги надминувале дозволените граници. Од организацијата објаснуваат дека болестите и смртните случаи предизвикани од загадениот воздух можат да се спречат, но потребни се климатски политики преку национални и локални планови во кои ќе се води сметка и за децата преку намалување загадувачките супстанци.
- Треба да се воспостават зони без загадување околу училиштата, градинките и здравствените установи; треба да се постават и да се одржуваат системи за предупредување во врска со квалитетот на воздухот во близина на станбени згради, игралишта, здравствени установи, градинки и училишта, а јавноста треба редовно да се информира за квалитетот на воздухот и да се размисли како да се подобри прочистувањето на воздухот во домот и на работното место за бремените жени, се дел од препораките на Уницеф.
Во извештајот наречен “Почетоци без здив: политики за заштита на децата од загадениот воздух во Европа и Централна Азија “ е посочено дека поради аерозагадувањето во 2021- ва починале 5.480 доенчиња во 23 земји меѓу кои и во Македонија.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар