Македонија
18. January 2022 - 18:03

УНИЦЕФ: Одложувањето на второто полугодие да биде привремено, затворањето на училиштата мора да е последна мерка

Додека земјата минува низ уште еден бран на инфекции со КОВИД-19, сè почесто предизвикан од сојот омикрон, најдобриот интерес на детето мора да има централно место при секое одлучување дали училиштата да останат отворени. Одлуката на Владата за одложување на почетокот на учебната година по зимскиот распуст треба да биде привремена мерка и да се вложат сите напори децата да се вратат во училниците, соопшти Канцеларијата на УНИЦЕФ во нашата земја.

Пртетставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани смета дека превентивните мерки во училиштата се ефикасни и дека физичкото присуство на настава во училиште се чини не е главниот двигател на ширење на инфекцијата.

-За последниот месец од наставата во 2021 година податоците покажуваат многу ниска стапка на заразување со само 0,01 процент нови случаи дневно кај учениците и 0,03 проценти кај наставниците. За споредба, во двете недели кога училиштата беа затворени за зимски распуст, бројот на новозаразени случаи кај сите возрасни групи се зголеми за четири пати, од приближно 2600 на 11 000 потврдени позитивни случаи. Овие сознанија треба да ги искористиме за да направиме сè што можеме да ги одржиме училиштата отворени и децата безбедно да следат настава во училниците, се наведува во изјавата на ДиЏовани. 

И претходно се случуваше во земјава да се одложува почетокот на учебната година поради лошите временски услови, посочува таа, но сега ситуацијата се промени. Претходните одложувања на почетокот на учебната година беа ретки и изгубеното време за учење беше компензирано. Сегашната ситуација се влошува со долги периоди на затворање на училиштата поради пандемијата.

-Уште еден бран на затворање училишта би бил катастрофален за децата. Пред пандемијата на КОВИД-19 Македонија веќе се соочуваше со криза во учењето при што повеќе од половината од сите петнаесетгодишници во земјата не успеваа да ги достигнат основните нивоа на вештини за читање и математика. Македонија веќе имаше најдолготрајно затворање на училишта во регионот, кога училиштата во земјата беа затворени вкупно 54 недели, во споредба со просекот од 24 недели во регионот на Европа и Централна Азија. Повеќе од 60 отсто од наставниците изјавија дека бројот на ученици што имаат тешкотии во совладувањето на наставните програми се зголемил во овој период, истакнува претставничката на УНИЦЕФ.

Јасно е дека во најдобар интерес на децата, нагласува ДиЏовани, е да бидат во училниците и повторното отворање на училиштата треба да биде приоритет за целата држава. Ризиците со коишто децата се соочуваат кога се надвор од училиште и понатаму се поголеми од ризиците во училиште.

Посочува дека долготрајното затворање на училиштата на ниво на целата држава, ограничените ресурси за учениците, наставниците и родителите и немањето пристап до далечинско учење го уназадија деценискиот напредок во образованието и го направија детството непрепознатливо.

– Затоа секогаш кога е можно треба да се избегнува затворање на училишта на ниво на целата држава. Кога се зголемува стапката на заразување со КОВИД-19 во заедницата и кога строгите мерки за јавно здравје стануваат неопходност, училиштата мора последни да се затворат, а први да се отворат. Што кажува за нашите приоритети ако училиштата се затворени, а другите јавни места остануваат отворени? Општеството и Владата имаат можност да им покажат на децата дека тие се најважниот ресурс на оваа земја така што ќе овозможат училиштата да бидат безбедни и отворени за настава во живо. 2022 не смее да биде уште една година на нарушено учење. Треба да биде година во која образованието и најдобриот интерес на децата ќе имаат првенствена важност, истакнува претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани.