Бизнис
15. February 2017 - 11:08

УЈП очекува над 400 илјади граѓани да поднесат годишнa даночнa пријавa

Управата за јавни приходи очекува до 15 март, кога е крајниот рок,  над 400 илјади граѓани да поднесат  Годишна даночна пријава.

Како што информираат заклучно со 13 февруари 2017 година, 51.616 граѓани ја исполниле својата даночна обврска и апелираат граѓаните да не ги чекаат последните денови со цел да се избегнат метежите на даночните шалтери.

Годишна даночна пријава поднесуваат граѓаните кои во изминатата 2016 година освен плата или пензија или приход од земјоделска/самостојна дејност, оствариле и други дополнителени приходи.

Од поднесените пријави најмногу се во Штип 13.321, потоа Скопје 12.794, Битола 8.315, Прилеп 9.075, Струмица 5.881 и Тетово 3.182 годишни даночни пријави. Од нив најголемиот дел се писмено, а 251 поднесени се електронски. 

Граѓанинот кој е од друг град, но работи, живее, студира..., односно е со привремен престој во Скопје, даночната пријава може да ја поднесе во Контакт центарот на УЈП, на новата локација во зградата на Регионална дирекција Скопје.

Годишната даночна пријава може да се поднесе и по пошта на адресата на надлежната Регионална дирекција на УЈП или електронски доколку обврзникот е регистриран корисник на е-Даноци.