Бизнис
25. October 2023 - 16:43

Уцени нема да поминат, рече Бектеши за наметнатата такса на Бугарија за рускиот гас

Министерот за економија ќе бара отштета од Бугарија ако Македонија е присилена да плаќа такса за гасот. Бара поголем простор во актуелниот гасовод кој не поврзува со Бугарија, за кој Гаспром плаќа закуп, и со тоа земјава да добива поголеми количини природен гас од други извори. 

Ова следи откако источниот сосед воведе такса од 10 долари за мегават час за рускиот гас што се испорачува низ негова територија. Поради тоа ќе следи ценовен шок оти низ единствената цевка од каде во Македонија влегува гас, протекува најголема количина од Гаспром. 

Според Бектеши, ваквото однесување е неприфатливо и го поистовети со уцена.

„Додека јас сум министер за економија нема да се прифати никоја уцена од никоја држава во делот на снабдување и загрозување на енергетската безбедност на Македонија. Ако се носат такви одлуки, треба да се носат и други одлуки каде што ќе се ослободат количините за државите да имаат простор да се снабдуваат од други извори како што е случајот со Македонија“ – Крешник Бектеши, министер за економија

Приоритет на министерството е изградбата на новиот гасовод со Грција која треба да почне до крајот на годинава, а проектот е поддржан од ЕБОР, ЕИП и стратешките партнери, вели Бектеши.

Во меѓувреме, Регулаторна ги прави последните калкулации пред новата одлука за цената на парното. Таа ќе биде позната на почетокот на следната недела, а ќе важи од 1 ноември. 

„Она на што инсистиравме и што го баравме четири месеца е исполнето. Започнаа активности на мостот Беласица, така што одлуката ќе ја донесеме и при носењето на одлуката ќе одиме со претпоставка дека мостот е целосно во функција и таа енергија којашто е вообичаено да се добива од ТЕ-ТО со таа енергија ќе влеземе во нашата калкулација“ – Марко Бислимовски, претседател на РКЕ

Бислимовски вчера од компаниите побарал да му достават нови пресметки за трошоците, но уверува дека ценовен шок за граѓаните нема да има.