Уапсени се 18 лица поврзани со инцидентите за Денот на албанското знаме, четворица се во притвор, информира Тошковски
Министерството за внатрешни работи досега има уапсено 18 лица поврзани со инцидентите на Денот на албанското знаме, од кои четворица се во притвор, додека за десетина се покренати прекршочни постапки поради „дивеењeто“ на улиците и сообраќајниот хаос којшто настана, информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, по денешната билатерална средба со неговиот босански колега Ненад Нешиќ.
Тошковски упати апел за разум и мудрост, и порача дека МВР одлучно ќе одговори против сите коишто ќе се обидат да го погазат достоинството на граѓаните на Македонија, без оглед дали станува збор за сквернавење на државен симбол на Македонија или на која било соседна земја. Изрази надеж дека станува збор за изолирани случаи, со оглед на тоа дека сторителите на кривичните дела биле млади луѓе, но како што рече „не ми личи за таква работа“.
– Соодветно, навремено и одговорно интервениравме како Министерство за внатрешни работи. Го истражуваме сето она коешто е поврзано со овие настани, во насока на тоа дали истите и како истите се случиле, дали од аспект на мотивот, како од аспект на дејствијата коишто беа преземени. Одлучно еднакво кон сите одговоривме. Во текот на првиот ден, при самата прослава уапсивме осум луѓе. Од тие тројца завршија во притвор за палење на македонското знаме. Наредниот уапсивме уште тројца во Прилеп за палење на албанското знаме. Уапсивме едно лице во Куманово за корнење на државен симбол на Република Србија. Исто така приведовме едно лице во Кичево за корнење, буткање и на македонското и албанското знаме. И во текот на вчерашниот односно преквчерашниот ден уапсивме уште едно лице коешто беше фатено како го пали албанското знаме во Скопје и информиран сум дека од судија на претходна постапка му е изречена мерка притвор и нему, рече Тошковски.
Во врска со возилата кои беа опожарени во Куманово еден ден по прославата на Денот на албанското знаме, Тошковски рече дека не може да изнесе конкретни информации, бидејќи предметот се уште е во фаза на предистрага, но рече дека станува збор за добро организирана група.
– Во овој момент не можам да одговорам повеќе во однос на предметниот кривично правен настан. Кога ќе имаме информации коишто ќе можеме да ги споделиме со јавноста, ќе ги споделиме. Работиме и на тој случај. Да, точно е дека станува збор за добро организирана група. Не би сакал да претпоставувам во овој момент. Имаше претпоставки коишто беа споделени и до јавноста од различни страни. Можеби станува збор за неиспорачување на одредени нешта од минатото, можеби станува збор за подгревање на приказната во истиот дел во којшто разговаравме досега, можеби станува за трети причини, не знам. Во овој момент мислам дека не би било соодветно да говорам со точни информации заради тоа што се уште сме во фаза на предистрага, рече Тошковски.
Интерпелацијата, пак, што ја поднесе опозициската ДУИ, министерот ја оцени како „низок обид за манипулација на јавноста“, истакнувајќи дека Собранието ќе постапи како што смета. Тезите на опозицијата во изминатиот период рече сами по себе се контрадикторни.
– Македонскиот граѓанин, македонскиот народ многу добро знае што стои зад оваа интерпелација од аспект на нивно барање. Нека им е со среќа. Собранието ќе си постапи во насока на она што смета. Јас искрено сметам дека ова е еден низок обид за манипулација на јавноста, рече министерот.
Ново на Сител
-
Приведен криминалец од скопско, поднесена кривична пријава
-
Османи: Централното претседателство на ДУИ денеска ќе одлучува за следните чекори
-
Без вода утре населба Крњево
-
Нафтата и златото поскапеа по падот на режимот во Сирија
-
Министерството за правда на Јужна Кореја воведе забрана за патување во странство на претседателот Јун Сук-Јол
-
Истражна постапка за лице осомничено за кражби и разбојништва во Скопје
-
Холандија од денеска почнува засилени контроли на копнените граници
-
САД подготвуваат нова воена помош за Украина во вредност од 988 милиони долари