Балкан
1. May 2017 - 10:11

Турските власти уапсија Иранец со делови за противтенковски ракетен систем

Турските власти уапсија ирански државјанин кој се обидел да пренесе делови од противтенковски ракетен систем руско производство, веројатно со цел да ги предаде на терористичка организација, пренесува БТА.

Царинската управа и Министерството за трговија вчера соопштија дека мажот, идентификуван само со иницијалите Е.Е., бил уапсен во црноморското пристаниште Зонгулдак, откако цариниците го претресле неговиот камион, кој пристигнал со ферибот од Украина.

Министерството информира дека според документите, камионот превезувал пелени, но во него биле пронајдени „главните делови“ на противтенковски систем од руско производство, кој се користи од паравоени групи, вклучувајќи ги и курдски бунтовници и борците од „Исламска држава".

Турските власти сметаат дека деловите најверојатно биле испратени за поправка, а Иранецот требало да ги врати на терористичка организација која ги користи.