Бизнис
15. January 2016 - 16:09

Тур-операторот „Томас Кук” од Холандија најавува влез во Македонија

По белгискиот „Томас Кук” кој неодамна беше во Македонија и склучи договори со македонските хотелиери, „Томас Кук”- Холандија е следниот голем тур-оператор од холандскиот пазар кој најавува влез во Македонија.

Како што соопшти Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) која на саемот за туризам во Утрехт, Холандија, од 13-17 јануари, шести пат ги промовира убавините на Македонија, холандскиот пазар, кој важи за еден од попробиените туристички пазари, покажува огромен интерес за македонската култура, историја и природа, во конкуренција со 500 дестинации од светот.

- Туи и Корендон, најголемите тур-оператори кои носат холандски туристи во Македонија, покажаа оптимизам за претстојната туристичка сезона, потенцирајќи ги неповолните гео-политички случувања во одредени делови од светот, наведува Агенцијата.

За време на саемот се дискутирало со дел од балканските земји за можното заедничко претставување на трети далечни пазари за привлекување поголем број туристи. 

На штандот на Македонија својата туристичка програма ја претставија македонските хотелиери и тур оператори “Ohrid holidays” и “Bohemia” и истите очекуваат успешна туристичка сезона.

- Големо признание до Република Македонија како привлечна туристичка дестинација е најавата на ANVR здружението на холандски тур-оператори за одржување на годинашниот  конгрес на најуспешните студенти по туризам од сите факултети и школи за туризам во Холандија. Конгресот секоја година се одржува во дестинација која е по избор на холандските туристички агенции и е оценета како најпривлечна. За време на конгресот кој ке се одржи од 21-28 мај 2016 година во Охрид, холандските студенти ќе имаат прилика да разменат искуства и да се дружат со своите македонски колеги, изјави амбасадорот на Македонија во Холандија Игор Попов. 

Овој настан, додаде Попов, што го организира најголемиот светски туроператор TUI, ќе ја најави претстојната туристичка сезона на голема врата во Холандија.