Македонија
15. February 2016 - 14:21

Трибина за македонската дијаспора

Македонската дијаспора има голем потенцијал, но потребно е поголемо организирање. Низ годините, досега македонската дијаспора нескриено помагала финансиски и политички, но тие активности биле парцијално организирани. Ова на денешната трибина го истакна Златко Николоски, претседател на Центарот за информативна и логистичка поддршка на граѓаните „Нов контакт“ - Скопје.

- Она што ние сакаме да го иницираме е македонската дијаспора да формира едно глобално тело, дали тоа ќе биде Собрание на македонската дијаспора, дали ќе бидат посебни два совети формирани од тоа Собрание, едно за иселеништво и едно за македонските национални малцинства. Сметаме дека е многу потребно формирање Фонд на дијаспората, значи парични средства кои ќе ги собере дијаспората на едно место, со кои ќе располага дијаспората, рече Николоски.

Тој појасни дека важноста на дијаспората ја гледаат и преку други индикатори, како трансфер на технологија, финасиски средства со кои располага дијаспората, туризам, странски директни инвестции...

- Здруженито досега има направено скенирање на состојбата најмногу низ европските држави. Немаме закон за дијаспора, немаме едно министерство кое ги покрива сите прашања поврзани со дијаспората. Имаме прашања во Министерството за надворешни работи, во Секторот за национални приоритети, поврзани со македонските национални малцинства и имаме Агенција за иселениптво која е во надлежност на нашите иселеници, потсети Николоски, кој предложи донесување закон за дијаспора и формирање министерство за диајспора. 

Тој информираше дека во моментов дијаспората е организирана во сојузи, клубови, асоцијации низ државите.

- Имаме држави каде има добро организиран сојуз, пример за тоа е Македонскиот сојуз во Шведска. Имаме држави каде има клубови, а нема сојуз. Има и држава каде има малку поголема поларизација, во Швајцарија, каде на некој начин има два сојуза, рече Николоски. 

Според него, државата треба да има поагресивен пристап во информирањето на иселениците и на инвеститорите од дијаспората.

Тој додаде дека на 8 април во Лозана ќе остварат средба со македонски здруженија. 

Трибината „Развој преку комуникации“ е во организација на Центарот за информативна и логистичка поддршка на граѓаните „Нов контакт“ - Скопје. Поддржани се од Цивика мобилитас, швајцарска фонадација за развој, а координари од Македонскиот центар за меѓународна соработка.