Македонија
19. November 2015 - 15:44

Трета студентска конференција за енергетска ефикасност

Околу 40 трудови поврзани со енергетската ефикасност и одржливиот развој ќе бидат презентирани на третата студентска конференција „Енергетска ефикасност и одржлив развој - СКЕЕОР 2015“, што започна денеска на Факултетот за електротехника и информациски технологии ФЕИТ, во Скопје.

Како што соопшти ФЕИТ, деканот Миле Станковски на отворањето на конференцијата нагласи дека факултетот комплетно посветува внимание на енергетиката како област.

- ФЕИТ докажува дека ги има најдобрите студенти кои знаат и умеат да организираат меѓународна конференција на високо ниво. Ова значи дека тие ќе бидат и добри стручњаци во областа, чиј напредок е енормно голем, рече Станковски.

Претседателот на Здружението за истражување и промоција на енергетската ефикасност и одржливиот развој СКЕЕОР Бодан Велковски, порача дека конференцијата претставува одлична можност за размена на знаења и искуства меѓу студентите, професорите и компаниите од енергетскиот сектор.

- Студентите како идни инженери се повеќе ќе се справуваат со проблеми и предизвици кои ги наметнува револуцијата во енергетскиот сектор. Оваа меѓународна конференција претставува мост на соработка меѓу студентите и професионалците од регионот, кои работат заедно на наоѓање решенија за одржлив развој и зелена иднина, рече Велковски.