Македонија
20. January 2020 - 16:38

Трет ден жителите на битолски Баир се без струја

Жителите на улиците „Дебарска“ и „Караорман“ во битолската населба Баир, од саботата немаат електрична енергија, а не се знае ни кога ќе добијат. Живеат во темница, храната е одмрзната, се снаоѓаат за јадење,а  на овие зимски температури се топлат како што можат, особено оние кои имаат грејни тела поврзани на струја.

-Се што беше замрзнато се е одмрзнато, се наоѓаме некако со плинско, гориме, да направиме јадење, вели Ангелина Стојановска, жител на улица Караорман.

Причината е пожар во трафостаницата која ги снабдува овие улици кој настана заради сериозно оптоварување на мрежата. Револтирани, дел од жителите денеска се собраа пред општината да побараат помош да им се реши долгогодишниот проблем со струјата.

-Без струја никако. Почнаа да се одмрзнуваат фрижидерите, месото, пиперки, зијан е, кој ќе го плати.

-Најголем проблем е што таму се поврзани на диво, трансформаторот не може да издржи и пука.

-Прво и прво да ви кажам, незгодно е ми е да ви кажам, не сум капен, нема на што да стоплам вода. Ова не е сега прв пат. Во очи Нова Година немав струја. Дојдоа дечките, санираа, и после пак снема. Долгогодишен проблем е.

-Имам мала внука. Во Ресен кај баба и и дедо и ја однесовме. Што да правиме. Утре ќе оди на училиште, кај да ја носам, велат жителите кои се собраа пред општината.

Од ЕВН велат дека се работи за релативно нова трафостаница од 2009 година која без проблем функционира за планираните капацитети. Заради сериозното оштетување треба да се замени, а прво се расчистува трансформаторот и теренот околу. Но се појави друг проблем заради кој жителите од овие улици нема за брзо време да добијат електрична енергија.

-За жал неконтролираното и нелегалното користење на електрична енергија од страна на одредени жители не може да се планира или пак да се издржи од трафостаницата. Екипите на ЕВН моментално се соочуваат со непристапен терен за да се достави трансформаторот, а за возилата е скоро невозможно да се движат низ улиците од тој регион. Освен тоа констатирано е дека сите елементи на трафостаницата се изгорени и потребно е истите да се заменат со што санацијата ќе трае неколку дена. Електросистрибуција апелира и ги повикува сите нелегално приклучени граѓани да се регистрираат за соодветно планирање на мрежата, со што ќе се спречи повторување на вакви дефекти, како и нанесување штета на нивните сограѓани кои се регуларни корисници на електрична енергија, изјави Атанас Ковачевски, портпарол на ЕВН.

 Од ЕВН објаснуваат дека е невозможно да се донесе новиот трансформатор до самото место, а разговараат со општината како да се расчисти патот и да се стигне догоре. Во меѓувреме, се бара решение за евентуално преспојување  на друга трафoстаница.