Трамп им забрани пристап во Белата куќа на новинари од CNN, MS NOW и Politico

Белата куќа почна да ја спроведува најавената забрана за пристап на новинари од „Си-ен-ен“, „Ем-ес Нау“ и „Политико“, откако американскиот претседател Доналд Трамп вчера најави ваков потег, обвинувајќи ги медиумите за објавување „лажни вести“.
Новинарката на „Ем-ес Нау“, Акајла Гарднер, утрово пристигнала на работа во Белата куќа, но службеник од обезбедувањето ѝ соопштил дека нејзината новинарска пропусница е деактивирана и не ѝ дозволил да влезе, пренесува „Индекс“.
– Службеникот побара да ја предадам пропусницата. Рече дека таа е деактивирана – изјавила Гарднер во живо додека известувала пред Белата куќа.
На нејзиното прашање зошто не може да влезе, службеникот одговорил дека одлуката е донесена на ниво „над неговите овластувања“.
Влез во комплексот на Белата куќа бил одбиен и на фотограф од „Ем-ес Нау“, додека пропусницата на продуцентка од истата медиумска куќа функционирала и таа успеала да влезе.
Трамп вчера на својата платформа „Труп соушл“ објави дека „веднаш“ им забранува пристап во Белата куќа на „Си-ен-ен“, „Ем-ес Нау“ и „Политико“, обвинувајќи ги за „постојано објавување измислици и лаги“.
Подоцна изјави дека особено му пречи тоа што овие медиуми објавуваат негативни прилози за него.
– Не мислам дека некому треба да му се дозволи да дојде и да пишува лажни приказни – рече Трамп.
На прашањето колку широка треба да биде забраната, тој одговори дека треба да се прошири „колку што е можно повеќе“.
Трамп не наведе конкретна статија или извештај за кои тврди дека се неточни, а навести дека забраната би можела да биде проширена и на други медиуми.
Засегнатите медиуми најавија дека ќе ги преземат сите неопходни чекори за заштита на правата на своите новинари, за кои велат дека се загарантирани со Првиот амандман на Уставот на САД.
Ново на Сител
-

Брвеница ќе избира градоначалник во втор круг: Радичевски пред Јахиј во првиот
-

Радичевски со најмногу гласови на предвремените избори во Брвеница
-

Мицкоски: СДСМ во Брвеница е декласиран од граѓаните
-

Партијата „Вреди“ не обезбеди пласман во втор круг од предвремените избори за Брвеница
-

Локални избори во Брвеница: Радически води со 1.145 гласови, пред Хусеини со 618
-

Затворени гласачките места во Брвеница
-

ДИК: До 17 часот излезеноста во Брвеница 39,34 проценти, гласале 6.392 граѓани
-

Повторно иницидент на аеродромот во Лајпциг - пробиена заштитната ограда
