Македонија
3. May 2016 - 10:46

Традиционална Пијанечко –малешевската свадба во Делчево

Делчево бира невеста и младоженец  за 10 издание на традиционалната Пијанечко –малешевската свадба. Како што информира за МИА, Зенил Реџепов од КУД „ Гоце Делчев“ Делчево , инаку, организатор на свадбата, конкурсот за избор на невестата и младоженецот  на оваа традиционална културна манифестација е објавен денеска, а ќе трае 30 дена.
 
- Заинтересираните млади кои сакаат да бидат дел од богатата свадбраска традиција во Пијанечко, треба да исполнуваат одредени услови.Според конкурсот, барем еден од младите кои сакаат да се венчаат со традиционалните свадбарски обичаи да е по потекло од овој крај,  да имаат склучено граѓански брак и,секако,  да се подготвени и согласни да ги прифатат сите адети кои јавно ќе бидат имплементирани на свадбата, рече Реџепов.
 
Пијанечко-малешевската свадба полека прерасна во бренд  на Источна Македонија, а основата цел на оваа традиционална свадба е да се сочува богатата палета од свадбарски обичаи кои под притисок на новото време полека изумираат.
 
- Пред се, целта е да се промовира регионот со својата специфична традиција и оваа свадба да биде во рамките на туристичката понуда од регионот, истакна Реџепов.
 
Главната имплементација на свадбата, традиционално, е на почетокот од месецот септември. И оваа година се очекуваат илјадници гости да бидат сведоци на старата свадба во Пијанец, а во рамки на свадбата ќе настапат и 20-тина КУД од земјава и од странство кои ќе учествуваат на 40 Меѓународен фолклорен фестивал кој е придружна манифестација на традиционалната свадба. Инаку, имплементатор на свадбата е КУД „Гоце Делчев“ од Делчево, а свадбата е финансиски поддржана од Министерството за култура, како и од Општина Делчево.