Свет
29. July 2016 - 13:30

Тереза Меј бара реципроцитет околу првата на Европејците кои живеат во Британија

Британскиот премиер Тереза Меј им порача на земјите членки од ЕУ дека правата на нивните државјани кои сега живеат во Велика Британија ќе бидат заштитени, колку што ќе бидат заштитени и правата на Британците во државите од Унијата.

Британските медиуми јавуваат дека во текот на престојот во Варшава и Братислава, Меј порачала дека сегашното партнерството на Лондон со Полска и Словачка може да продолжи и по излегувањето на Велика Британија од ЕУ.

Во тие рамки, Меј во двете источноевропски престолнини зборувала дека „би сакала да гарантира“ оти нема ништо да се измени во позицијата на Полјаците и Словаците во Велика Британија, но за тоа побарала гаранции и за реципроцитет за британските државјани.

Британскиот премиер во раговорите со колегите Беата Шидло во Варшава и со Роберт Фицо во Братислава, ја повторила заложбата на новата британска Влада за успешен Брегзит, како и барањето во ЕУ да се има разбирање за загриженоста на Британците за слободата на движењето на луѓето и на работната сила во рамките на Унијата.

Таа определба на Лондон, Меј ја врзала со претпоставените и посакувани блиски економски односи со ЕУ во годините по британското излегување од Унијата.

Медиумите во Велика Британија не објаснуваат дали ова ќе биде условот што ќе го постават Британците во текот на преговорите за излез од ЕУ, но засега Меј во домашната јавност ја има подршката од сите за своите настапи при средбите со еврпските политички лидери.

- Ако низ преговорите ги разрешиме сите прашања за кои сега имаме различни интереси во конструктивна и позитивна атмосфера, тогаш би можело да има мирно и уредно заминување на Британија од ЕУ, изјави Меј во средбите со полскиот премиер Шидло и со премиерот на Словачка Фицо.

Ваквата своја позиција, Меј во Братислава ја објаснила со исходот од референдумот од 23 јуни, порачувајќи дека мнозинството Британци покажале оти сакаат поголема контрола врз приливот на мигранти од земјите на ЕУ.

Британските медиуми потсетуваат дека во Велика Британија има околу 850.000 Полјаци, што ги прави далеку најбројна етничка заедница од една земја на ЕУ. Бројот на Словаците е далеку помал, но Велика Британија сега е силен економски партнер на Словачка.

И двете земји беа остри критичари и противници на британското барање за укинување или рестрикција на слободното движење на работната сила низ ЕУ, во времето кога поранешниот премиер Дејвид Камерон преговараше со Брисел за компромисно решение околу ова прашање.

Медиумите во Лондон не пишуваат за тоа како на сето ова се реагирале полската и словачката страна, освен дека Братислава и Варшава побарале од Тереза Меј, Велика Британија да ги редефинира и да ги формулира сите свои барања, пред почетокот на преговорите за излез од ЕУ.