Македонија
16. May 2024 - 10:43

Тече истрагата за убиството на Вања и Панче, првоoсомничениот Палевски во притвор

Љупчо Палевски – Палчо, првосомничениот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, по синоќешната екстрадиција, го издржува 30-дневниот притвор што му беше одреден во отсуство. Во меѓувреме, тече истрагата на Основното јавно обвинителство Скопје. 

Палевски, кој минатата година на 6 декември беше уапсен во Баликесир, Турција, синоќа со конвој од пет возила на Интерпол беше спроведен во Истражниот затвор Шутка. Во затворот тој е под специјален безбедносен режим, без контакт со други притвореници.

Тој е осомничен за убиство на малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември 2023, а пронајдени мртви во близина на Велес и на Скопје на 3 декември.

За соучество за убиството се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје. Во домашен притвор од неодамна е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето.

Со мерки на претпазливост за овој случај е и Стефан Димовски, возачот на Палчо, кој е осомничен за помагање при бегството.