Македонија
24. October 2024 - 20:10

Таравари прими вакцина против грип - Со закон ќе се справуваат со антиваксерите

Колективниот имунитет е мит. Вакцините се причина за тешки болести и инвалидитет. Овие тврдења од антиваксерите нема толку лесно да се шират меѓу популацијата, но на кој начин ќе бидат санкционирани здравствените власти ќе кажат во следниот период. Во завршна фаза е стратегијата за вакцинација.

- За жал, антиваксерството не само во Македонија, туку и во светски рамки зема се поголем замав. Со Светската здравствена органзиација подготвуваме стратегија за вакцинација и се надевам во ноември или почеток на декември ќе ја промовираме и ќе кажеме законски што можеме да преземеме на овој план, рече Таравари. 

Додека Таравари ја чека стратегијата, денеска прими вакцина против грип и е еден од 10 000 те граѓани кои досега се заштитија од вирусот. Министерот за здравство беше имунизиран во пунктот наменет за здравствени работници од каде порача дека превентивата е најдобра заштита од серизоните компликации кои можат да настанат..

-Ги повикувам сите граѓани особено оние кои се во ранливите категории да ја примат оваа вакцина бидејќи со тоа се оневозможува да се појават компликации особено кај повозрасни луѓе кои имаат и други коморбидитети, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.

За да има што поголем број вакцинирани здравствени работници, Институтот за јавно здравје од денеска праќа мобилни екипи во клиники и болници за на работните места да имунизираат медицински лица. 

Инаку имунизацијата против грип стартуваше во понеделник на 36 пункта низ државата. На ризичните групи им се достапни 70 000 вакцини кои се бесплатни. На вакцинација.мк досега се пријавиле 52 000 граѓани. Четиритипната вакцина е препорачана за постари од 65 години, хронично болни, трудници и деца до 5 години, како и здравствени работници.