Свет
5. October 2017 - 12:31

„Тајм“: Речиси сите масовни убијци со огнено оружје се мажи

Она што ги поврзува речиси сите масовни убијци со огнено оружје во САД од 1966 до денес е тоа што речиси сите се мажи, пишува онлајн изданието на американскиот весник „Тајм“.

Од 1966 година до денес, во САД се случиле 134 масовни убиства со огнено оружје. Само во три случаи нападите ги извршиле жени, што значи дека 98 отсто од случаите на масакри со огнено оружје ги извршиле мажи.

Весникот наведува дека статистиката не е многу поразлична и ако се разгледуваат „обичните“ убиства. За околу 90 отсто од убиствата во Америка, виновни се мажи, при што во 70 проценти е користено огнено оружје.

Причинита за ваквата статистика „Тајм“ ги бара во тоа што компаниите кои продаваат оружје, во рекламите речиси исклучиво им се обраќаат на мажите, а и во тоа што поседувањето оружје се поврзува со мачо статусот на мажите. Интересен е и фактот дека голем процент од масовните убијци имаат историја на злоставување жени, но и тоа дека во повеќе од половината случаи масакри со огнено оружје, жртва била и партнерката на напаѓачот.

Речиси половина од оружјето во светот кое го поседуваат цивили се во сопственост на Американци. Голем дел од тоа оружје припаѓа на т.н. „суперсопственици“, група од мажи кои претставуваат само три отсто од американската популација, но во просек, секој од нив поседува по 17 парчиња оружје.

Од друга страна, Американките се повеќе купуваат пиштоли и тука запира секоја сличност, наведува „Тајм“. За разлика од мажите, жените, во најголем дел, купуваат по само еден пиштол кој им служи за самоодбрана.

Во написот се наведува и дека сопствениците на оружје, кои се мажи, голем дел од своето слободно време посветуваат токму на т.н. „култура на оружје“ - одат во лов, често пукаат во стрелиште, гледаат ТВ емисии посветени на оружјето...

Интересно е и дека белците во САД поседуваат повеќе оружје од црнците, а т.н. „суперсопственици“ во најголем дел се бели, конзервативни мажи. Меѓу американските мажи кои поседуваат најмалку пет парчиња огнено оружје, повеќе од половина тврдат дека поседувањето оружје им е „многу важно“ за нивниот идентитет.

Весникот заклучува дека стереотипот, според кој „Американците се опседнати со оружје“, не е целосно точен. Поправилно би било да се каже дека во САД постои супкултура опседната со оружје, а таа е мнозински бела, мнозински машка и мнозински конзервативна.