Свет
30. October 2024 - 11:47

Британскиот тинејџер што уби со нож три девојчиња произведувал рицин и имал прирачник за терористички дејствија

Тинејџерот обвинет за напад со нож врз три девојчиња на курс по танц во Англија посветен на Тејлор Свифт е обвинет за производство на смртоносниот отров рицин и за терористичко дело поради поседување прирачник за обука на џихадисти, соопшти полицијата.

Осумнаесетгодишниот Аксел Рудакубана, обвинет за убиство на три мали девојчиња и ранување на уште 10 лица на 29 јули, произвел рицин, кој бил пронајден при претрес на неговиот дом, соопшти полицијата во Мерсисејд. Бил пронајден и компјутерски документ со прирачник за обука на „Ал Каеда“, насловен: „Воени проучувања на џихадот против тирани“.

Рицинот се извлекува од растението рицинус и е еден од најсмртоносните токсини во светот. Нема позната вакцина или противотров. Овој отров ги уништува клетките спречувајќи ги да произведуваат протеини.

Во август, Рудакубана беше обвинет за нападот со нож во Саутпорт, кој според полицијата не е класифициран како „терористички инцидент“ бидејќи мотивот сè уште е непознат. Полицијата сега ги објави новите обвиненија за производство на отров и поседување терористички прирачник.

Нападот со нож се случил во првата недела од летниот одмор кога дваесетина млади девојки танцувале на музика од Свифт во „Харт Спејс“ – општински центар за разни активности – од семинари за бремени жени до фитнес кампови за жени.

Нападите предизвикаа гнев кај десничарските активисти кои ги насочија критиките против имигрантите и муслиманите, откако на социјалните мрежи осомничениот – тогаш неименуван – бил погрешно идентификуван како азилант кој неодамна пристигнал во Велика Британија со чамец.

Неколку часа по одржаното бдеење за жртвите од Саутпорт, насилна толпа нападна џамија во близина на танцовото студио, фрлајќи тули и пивски шишиња и запали полициски комби. Немирите се проширија низ Англија и Северна Ирска и траеја една недела. Над 1200 лица беа уапсени, а стотици осудени.

Рудакубана е роден во Велс во семејство на родители од Руанда, соопшти полицијата. Британските медиуми наведуваат дека бил воспитан како христијанин.