Почнати се разговори за нов состав на Комисијата за помилување, вели Сиљановска Давкова
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска изјави дека по колективната оставка на Комисијата за помилување почнати се разговори за нов состав на Комисијата, но оти нема да брза со нејзиното формирање.
-Не даде Комисијата отказ. Комисијата од лични и професионални причини поднесе оставка и тоа е нешто друго. И јас, ние сме во разговори за нов состав на Комисијата. Јас никогаш не ги правам брзо работите, признавам. Разговараме, треба сите профили да бидат внатре вклучени за да може навистина на крајот од тој процес на помилување кој почнува во судот, а завршува со потписот, ама претходно одмерувањето од Комисијата, да биде успешно. Разговараме со експерти, со луѓе од невладин сектор, бидејќи секогаш во комисиите има луѓе од здравството, психолог, невропсихијатар, имаше новинар, значи со сите тие категории разговаравме, рече Сиљановска Давкова на новинарско прашање.
Прашана за состанокот со членовите на Комисијата во оставка, кој требало да се одржи вчера, претседателката посочи дека е добро време за разговор со сите досегашни членови на ова тело со цел на база на нивните искуства да се одреди какви промени се потребни.
-Што се однесува до состанокот, до средбата – да, тоа беше неколку пати закажувана и одлагана средба заради други настани. Мислам дека е добро време да се слушнат мислењата на сите претходни членови на комисиите за потоа да видиме какви се нивните искуства, кои се нивните сознанија и во кој правец треба да одат промените, кажа на новинарско прашање претседателката Сиљановска Давкова која денеска се обрати на настанот во пресрет на 29-тата Конференција за климатски промени (COP29), која ќе се одржи од 11-ти до 22-ри ноември 2024-та година, во Баку, Република Азербејџан.
Во контекст на последните помилувања, таа и членовите на Комисијата вели, се воделе од филозофијата на заштита на човековите права и дека Комисијата секогаш тргнува од делото што го сторила личноста и од однесувањето на личноста откако ќе влезе во затвор, а судот е тој кој е должен кога го креира досието за осудениот којшто бара помилување, да ги наведе сите релевантни акти, не само пресудите, туку и однесувањето.
-Да, но јас имам малку поинакво мислење. Мислам дека и членовите на Комисијата и јас се водевме од филозофијата на заштита на човековите права. Јас верував и се уште верувам дека луѓето и кога се во затвор се луѓе. Можеби се расчовечиле во некои моменти, но не треба да заборавиме дека тие се граѓани, гласаат и затоа и постои правото на помилување. Значи, секој треба да добие шанса за социјализација и за ресоцијализација. Мислам дека најважниот чекор е првиот. Значи, молбите доаѓаат преку судот. Судот е должен кога го креира досието за осудениот и оној којшто бара помилување, да ги наведе сите релевантни акти, не само пресудите, туку и однесувањето исклучиво. Но, да не заборавиме, Комисијата секогаш тргнува од делото што го сторила личноста и од однесувањето на личноста откако ќе влезе во затвор. Ние не можеме понекогаш да создаваме некои слики врз основа на други слики бидејќи тогаш, знаете што, набрзо ќе се соочиме со обвинение од Советот на Европа дека можеби понекогаш сме го суспендирале правото на помилување на луѓето што може да се третира како тортура. Значи, во затворот не седат, а може и да седат само научници, интелектуалци, седат луѓе кои згрешиле и затоа имаат право на помилување доколку по сторената грешка тие направиле чекори на ресоцијализација. Да повторам, ниту јас, ниту Комисијата, ниту Правда не сме истражни органи. Опасно е ако ние почнеме наспроти она што сме го добиле од судовите да почнеме да се консултираме со различни органи и организации. Тоа би било упад во човековите права, смета Сиљановска Давкова.
Комисијата за помилување викендов поднесе колективна оставка, како што беше наведено, од лични и професионални принципи. Оставката следеше по жестоките реакции во јавноста околу неколку имиња кои се најдоа на листата на помилувани по повод празникот „23 Октомври – Ден на македонската револуционерна борба“.
Ново на Сител
-
Со нож се заканувал на вработен на патарина
-
Акција на грчката полиција за разбивање на турската мафија во Атина и Солун
-
Русија ги повика своите граѓани да се воздржат од патувања во западните земји
-
Екипи на ДПИ на терен, мониторинг на цените на производите опфатени со акцијата „Новогодишна кошница“
-
Обвинителството оформи предмет за лицата ставени на „црната листа" на САД
-
Привршува истрагата за Онкологија, вештачењето во Србија ги потврдило сомнежите за несоодветно лекување пациенти
-
Османи: Моноетничките седници секогаш биле најава за лоши периоди во мултиетничка држава
-
Тошковски: Ковачевски не е достапен за полицијата и не се откажал од македонското државјанство