Суспензија и истрага за Мустафа Хајрулахи, вработени го пријавиле за малтретирање
Шефот на Вишото јавно обвинителство Скопје под истрага заради сомнеж за сторени две кривични дела. Според обвинителството, за Мустафа Хајрулахи постоеле основани сомененија за малтретирање во вршење на службата и злоупотреба на положбата и овластувањата. Бил пријавен од вработени во обвинителството со кое раководи.
„Кривичната пријава против јавниот обвинител за малтретирање во вршење на службата беше поднесена до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија од страна на група вработени во Вишото јавно обвинителство Скопје, по што таа беше проследена на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство Штип. Во текот на истражните дејствија преземени од штипското обвинителство се добиени податоци и сознанија кои упатуваат на сомнение и за дејствија на злоупотреба на службената положба и овластување“
Додека трае истрагата, Хајрулахи нема да работи како виш јавен обвинител. Одлуката за оддалечување од работното место ја донел републичкиот јавен обвинител.
Хајрулахи пак негира дека вршел мобинг врз вработени во вишото обвинителство. Вели, трпел притисоци откако одбил да го врати во живот предметот со бонусите на поранешното СЈО.
Во меѓувреме, државниот обвинител Коцевски демантираше дека барал Хајрулахи повторно да го отвори случајот со бонусите за специјалните обвинители. Направен е надзор во Вишото обвинителство за да се проверат предметите но и пријавите за мобинг врз вработени.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар