Бизнис
6. February 2020 - 15:24

Сугарески: Активности за изградба и модернизација на целата патна траса на Коридор 8

Со цел подобрување на условите за транспорт на луѓе и стока на Коридорот 8 на терен се работи по должина на целата траса. Наша стратешка определба е изградба и модернизација на коридорот, рече министерот за тарнспорт и врски Горан Сугарески на денешната свеченост по повод  стартот на активностите за рехабилитација на патот Крива Паланка-Деве Баир.

Јавното претпријатие „Државни патишта“ врши подготовка за санација на патниот правец од граничен премин Ќафасан до Струга, активно се одвива изградбата на автопатот Охрид-Кичево, се врши проектирање за градба на нов автопат од Кичево до Гостивар, ЈПДП заврши со рехабилитација на возната лента на автопатот Тетово-Скопје, завршена е рехабилитација на автопатот од Скопје до Куманово, се гради нов експресен пат Ранковце-Крива Паланка и започнува рехабилитација и изградба на трета лента од Крива Паланка до граничен премин со Република Бугарија, Деве Баир.

– Ова е начинот како една Влада силно и посветено работи на подобрување на инфраструктурата во државата, низ овие две години направивме пресвртница и ја вративме земјата на патот на просперитетот,  потенцира Сугарески.

Тој потенцираше дека паралелно се работи на изградбата на железничкиот дел на Коридор 8, со јасни цели дека изградбата на пругата кон Бугарија е неопходна за брз развој на земјата и поврзување со источните пазари.

-Градбата на пругата до Бељаковце се одвива забрзано и очекуваме до крајот на годината или почеток на 2021 да биде завршена, се работи паралелно на тендерската постапка за втората делница, до Крива Паланка и до крај на 2020 очекуваме да склучиме договор со изведувач. Обезбедивме и 60 милиони евра за изградба на третата делница од Крива Паланка до Деве Баир и верувам со вакво темпо ќе ги запазиме сите рокови што се обврзавме со меморандумот за железничко поврзување со Бугарија и пругата конечно ќе се изгради,  информира Сугарески.

Патниот правец Крива Паланка –Деве Баир во должина од 13 километри ќе се рехабилитира комплетно по должина на двете постојни ленти, а на дел од трасата ќе се догради трета лента.

– Предвидената рехабилитација и реконструкција е поделена на три делници, од нулти до 2,5 километри, каде има чиста рехабилитација поради тоа што патот минува низ населени места, втора подделница до осми километар е предвидено проширување со трета лента со ширина од 10,35 метри, а овој дел ќе почнува со трокрака крстосница со трета лента и комуникација со приватните објекти, третиот и четвртиот километар предвидуваат напуштање на постојниот пат и изградба на нова траса со пресек со Крива Река каде ќе се градат нови мостови и се прави девијација на речното корито, со цел избегнување на црните точки кои досега биле причина за многу сообраќајни незгоди. Постојниот мост кај село Жидилово ќе се реконструира, а останатите два моста ќе се срушат и ќе се изградат нови, информира Китанов.