Студентите реагираат на зголемените трошоци, тече вториот уписен рок на државните универзитети
УКИМ ги услогласува давачките, а тоа оди на грбот на студентите. Трошоците за онлајн ресурси и материја се зголемија за двојно и повеќе. Ако до лани за дополнителни трошоци плаќале по 1150 оваа година тоа ги чини околу 3500 денари. Студентското собрание бара овие трошоци да бидат ублажени и како што е по закон институциите да ги покријат давачките, а не студентите.
Деканот на Економски факултет вели дека е инвестирано многу повеќе од тоа колку чинат давачките. Факултетот има комисија и сите студенти кои немаат можност се ослободени целосно или делумно од секаков вид партиципација. Овие средства повторно се инвестират во студентите, па така од оваа година Економски влегува во процес на добивање меѓународна акредитација со што дипломата ќе биде конкурентна на светско ниво.
Се пополнуваат последните места на државните универзитети. На Економски бројката е речиси пополнета и веројатно ќе нема трет уписен рок. Оние кои денеска поднесоа документи велат биле неодлучни па го почекале вториот уписен рок за се решат што ќе студираат.
Најголем број слободни места има на ПМФ 845, потоа е Земјоделскиот, па ФЕИТ, Филозофски и Машински. Онаму каде ќе останат слободни места третиот уписен рок ќе биде на 27 септември. Академската година почнува на први октомври.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар