Македонија
29. August 2015 - 17:19

Струмичките земјоделци добија нов систем за наводнување

Земјоделците од струмичкиот регион го дочекаа исполнувањето на сонот за модерно наводнување. Жителите на Куклиш, Градско Балдовци, Сачево и Свидовица добија нова мрежа за наводнување на обработливите површини од акумулацијата “Маркова река”. Системот официјално во употреба го пушти премиерот Груевски кој е на терен меѓу жителите од струмичко.

-Ние сме горди што токму земјоделството е еден од нашите најголеми приоритети. За разлика од некои други земји во светот, Република Македонија нема излез на море, нема наоѓалишта на нафта, нема извори на гас. Нашето богатство се македонските полиња и планини и македонските земјоделски производи. Токму затоа ние сме решени долгорочно и систематски да инвестираме во развој и унапредување на нашето земјоделство, изјави Никола Груевски – Премиер на РМ

Унапредувањето и модернизацијата на земјоделството е во приоритетите на Владата која низа години наназад посветува посебно внимание на македонскиот земјоделец.

-Ги повикувам сите заедно како Влада, Министерство, земјоделски стопанства и откупно-дистрибутивни центри да ги искористиме сите поволности кои ги нуди оваа Влада за подигнување на земјоделското производство како би можеле да опстоиме на европските и светските пазари на земјоделски производи, изјави Михаил Цветков – Министер за земјоделство шумарство и водостопанство.

Со новата мрежа за наводнување земјоделците сметаат дека значително ќе се олесни работата и ќе се зголемат придонесите од градинарските култури.

Системот за наводнување ”Маркова река” претставува подземна мрежа од цефководи и објекти која обезбедува вода за наводнување за повеќе струмички села. За реализација на овој проект Владата вложи 52 милиони денари.