Македонија
25. September 2015 - 13:07

Стопанската комора бара разрешување на проблемот со камионџиите

Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески упати ургентни писма до своите колеги од Србија и Хрватска, Марко Чадеж и Лука Буриловиќ, преку кои бара, тие, во рамки на своите надлежности, максимално да се заложат за што поскоро разрешување на проблемот со камионџиите. 

Азески во писмата укажува на сериозноста на состојбата и предупредува дека ако не бидат преземени најитни чекори, можно е да дојде до поголеми последици за нашите национални економии.

- Моменталната состојба на границите е незамислива за современите држави. Поради тоа, Стопанската комора на Македонија јасно стои на ставот дека  какви и да било ембарга и блокади кои немаат своја реална оправданост и потреба, требало веќе одамна да бидат надминати како застарени, примитивни и несоодветни мерки и начини за дејствување, наведува Азески.

Воедно укажува дека е голем бројот на македонски компании кои поради ваквата состојба ќе претрпат значителни штети, бидејќи во моментов дневните испораки на стоки кон Република Хрватска, Република Словенија и другите земји од Западна Европа се драстично намалени, доцнат, а се јавува и недостаток на транспортни возила кои треба да превезуваат нова стока, затоа што огромен број од нив се веќе заглавени на некој од граничните премини.

- Имајќи го предвид фактот дека развојот и унапредувањето на земјоделството и прехранбената индустрија е од стратешки интерес за Република Македонија, за нас посебно загрижувачка е испораката на земјоделско-прехранбените производи, кои поради роковите на трајност ќе бидат оштетени, а воедно ќе биде оневозможена нивна навремена испорака до деловните партнери, што може да услови и раскинување на досегашните успешни деловни врски, наведува Азески во писмата.

Покрај тоа, додава претседателот на Комората, македонските компании од овој сектор се соочени и со проблеми поврзани со доцнење на суровините кои ги увезуваат од европските земји, а се неопходни за непречено производство на финални производи. Поради тоа се користат алтернативните патишта  преку Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово, кои се покажуваат како неефикасни и се со мала пропустна моќ.

- Ако се појде од тоа дека и пропустливоста на границата помеѓу Република Србија и Република Унгарија во значителна мера е намалена, бидејќи клучниот премин Хоргош повеќе е затворен, отколку отворен, ниту со користењето на алтернативните патишта нема да се подобри состојбата, бидејќи трошоците на компаниите ќе се зголемуваат уште повеќе, оценува Азески.