Македонија
3. March 2021 - 14:47

Стоилковски: „Кубис медикал“ за три години добила државни тендери од 5 милиони евра

Венко Филипче наместо да набавува вакцини, потпишува јавни набавки на тендери во кои постои огромен сомнеж за криминал и корупција.

Секој ден умираат десетици наши сограѓани како последица на Ковид-19, секој ден имаме стотици и стотици нови заболени, а Филипче потпишува тендери вредни милиони. Тендери има, а вакцини нема.

Вчера објавивме дека Венко Филипче потпишал набавка на томографи и покажавме придружен материјал за болниците во Кавадарци и Гевгелија со фирмата Кубис Медикал за 15 милиони повеќе од првично понуденото од истата фирма. И е на пат да го оштети буџетот и граѓаните.

Имено по спроведената прва фаза од набавката и укинувањето на конкуренцијата на сите понудувачи кои ги исполнувале условите, Кубис Медикал дава втора понуда за 15 милиони повеќе од тоа што самата понудила во првото јавно наддавање. Одејќи по чистата бизнис логика, Кубис имала добивка уште во првиот случај, па така се поставува прашањето каде ќе завршат дополнителните 15 милиони, за кои е зголемена цената?

Дали овие 15 милиони, за кои е зголемена цената ќе завршат во џебовите на врвот на власта и Венко Филипче можеби? Особено ако се земе во предвид дека Кубис Медикал е чест добитник на тендери во здравството.

Аферата „Коруптографијa“ има втор дел, омилената фирма на Филипче Кубус медикал која победи на оглас за томографи поскапи за 15 милиони денари, за 3 години добила државни тендери од 5 милиони евра.

Во наредните неколку дена ќе изнесеме податоци и ќе обелодениме документи, како само во последните година дена Кубис Медикал свртела неколку десетици милиони преку тендери поврзани со клиниките и болниците во Македонија.

Само во последните два месеци, односно од почетокот на 2021 година до денес, Кубис Медикал од клиниките и болниците низ Македонија добила тендери во висина од 7.381.554 денари, односно 120.000 евра.

Фирмата миленик на Филипче во скандалот коруптографија, на 01.02.2021 година, со Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, склучува договор за набавка на уреди за дневна проверка на акцелератори во висина од 1.769.976 денари. Две недели подоцна истата склучува договор за набавка на шприцеви и друг потрошен материјал со општа болница во Струга, во висина од 548.110 денари. За два дена по оваа набавка на Кубис Медикал и тргнува работата па склучува договор за набавка на опрема за томографи, за Универзитетски институт за позитронско – емисиона томографија, во висина од 1.349.873 денари.

Кога среќа те сака, односно можеби Филипче, многу е лесно па така во еден ден на 28.01.2021 година Кубис Медикал склучува два договори еден со Универзитетската клиника за детска хирургија, а другиот со Ургентен центар во висина од скоро 3 милиони денари.

Два договори во еден ден Кубис Медикал потпишува и на 01.02.2021 година, едниот со Клиничката болница во Штип, а другиот со Св. Еразмо во Охрид, во висина од околу 9 милиони денари.

5 милиони евра државни тендери за три години за фирмата Кубус медикал која победи на оглас за томографи поскапи за 15 милиони денари.

Ги повикуваме истражните органи да се заинтересираат и да го истражат случајот со овие тендери на Кубис Медикал и честото добивање на тендери во здравството, со целосно испитување на постапките. Секое прогледување низ прсти и свесно местење ќе биде санкционирано со враќањето на слободата и правдата во државата.

Портпаролот на ВМРО – ДПМНЕ Наум Стоилковски на денешната прес – конференција на одговор на прашање кажа дека интерпелациите против Бојан Маричиќ и Љупчо Николовски се поднесени уште на 1 февруари и дека се уште не се ставени на дневен ред на собраниска седница. Стоилковски рече дека постојат отворени сомнежи за можност за изигрување на поднесените интерпелации како што впрочем се случило и во претходниот собраниски состав каде биле поднесени 8 интерпелации а на дневен ред биле ставени само 2.

Апсолутно проверив пред оваа прес – конференција до каде се сите тие собраниски активности. Интерпелациите за министерот за корупција и министерот за неправда Бојан Маричиќ и Љупчо Николовски се поднесени на 1 Февруари пред точно еден месец а се уште не се ставени на дневен ред на собраниска седница. Отворено се сомневаме дека постои можност за изигрување на поднесените интерпелации исто како што се случи и во претходниот собраниски состав кога што беа поднесени 8 интерпелации а на дневен ред беа ставени само 2 појасна Стоилковски.

Дополнително Стоилковски истакна дека во оваа власт и да нема министер за кој што нема основа за поднесување на интерпелација и дека во едни нормални услови би требало многу полесно да поминуваат низ собраниските процедури.

Јасно е дека суштината на вакво делување е дека сета власт се држи на еден тенок конец во собранието додека нема министер за кој што нема основа да се поднесе интерпелација која што во едни нормални услови би требало многу полесно да минуваат низ собраниските процедури тука знаете и самите колку интерпелации се поднесени еве и за Љупчо Николовски за Бојан Маричиќ поднесени се и други интерпелации како за Оливер Спасовски нели од другите пратенички групи во собранието или за Артан Груби или за Бујар Османи има основа за интерпелација можеби и за Венко Филипче за сите овие скандали со вакцините и со тендерите. Има основа и за Мила Царовска како министер за образование со еден тотален колапс во образованието и со он-лајн наставата и сега со учебниците и оваа скандалозна реформа во образованието. Се надевам дека ќе се исправат работите во собранието и дека нема да се продолжи со овој начин на криење на интерпелациите за да може да функционира власта полна со скандали при еден нефункционален парламент заврши Стоилковски.

Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ