Кувајт протера ирански дипломати по смртоносните напади

Кувајт прогласи двајца ирански дипломати за „персона нон грата“ и им нареди да ја напуштат земјата во рок од 24 часа како одговор на најновите ирански напади врз неговата територија.
Бројот на вработени во иранската амбасада во емиратот исто така ќе биде намален, соопшти денеска кувајтското Министерство за надворешни работи.
Вршителот на должност во иранската амбасада во Кувајт беше повикан во Министерството за надворешни работи. Таму владата му врачи официјална протестна нота против она што Кувајт го опишаа како континуирани ирански напади, пренесе ДПА.
Одлуката беше донесена како одговор на ноќните ирански напади во кои беа користени балистички ракети и дронови. Нападите беа насочени кон неколку цивилни објекти и витална инфраструктура, вклучувајќи го и Меѓународниот аеродром во Кувајт.
Најмалку едно лице загина, а повеќе од 60 цивили беа повредени во нападите.
Меѓу повредените има цивили, работници на аеродромот и патници, додаде министерството. Кај некои од посериозните случаи беа извршени итни хируршки интервенции, според портпаролот на Министерството за надворешни работи.
Повредите вклучуваат фрактури, рани на главата, крвавења во мозокот и ампутации на екстремитети, изјави официјалниот претставник.
Вооружените сили на Кувајт соопштија дека пресретнале 13 ирански ракети и 17 ирански беспилотни летала.
Кувајт ги опиша нападите како флагрантно кршење на неговиот суверенитет, територијалниот интегритет, Повелбата на Обединетите нации и принципите на меѓународното право.
Вооружените сили се подготвени да ги преземат „сите неопходни чекори“ за да ја заштитат безбедноста и стабилноста на заливската држава, изјави портпаролот на кувајтското Министерство за одбрана.
Американската војска соопшти дека пресретнала „бран ирански дронови“ кои биле насочени кон американските воени објекти во земјата.
Бахреин, уште една заливска држава, денеска соопшти дека неговата воздушна одбрана пресретнала три ракети и неколку беспилотни летала. Не беа соопштени информации за евентуални жртви или штети.
Армијата на островското кралство, каде што е стационирана 5-тата флота на САД, го обвини Иран дека го продолжува својот „систематски непријателски пристап“ со извршување напади со беспилотни летала и ракети против земјата.
Откако САД и Израел почнаа кампања за бомбардирање на Иран кон крајот на февруари, Иран постојано ги напаѓа Кувајт, Бахреин и други заливски држави во кои има американски воени објекти.
Ново на Сител
-

Во полициска акција во БиХ уапсени 13 лица, запленети оружје и експлозив
-

МВР: Автомобил во движење се запали на булеварот „Јане Сандански“
-

Вкупно пет пријави за семејно насилство во последното деноноќие, две лица уапсени
-

Ученичка извршила напад со нож во училиште во Манчестер, повредени три лица
-

Стефан Богоев излегува од притвор, судот ја прифати гаранција од 55 илјади евра
-

Груевски: Ретко демантирам, но никогаш не сум се сретнал и не сум разговарал со Александар Маленко
-

Предлог законот за заштита од пушење го помина првиот собраниски филтер
-

Една година затвор за Стевчо Јакимовски, Апелациониот суд ја потврди казната
