Свет
8. January 2016 - 9:44

Статфор: Светот за 10 години – пад на влијанието на САД, распад на Русија

Американскиот истражувачки центар, неодамна објави предвидување на главните светски настани во следните 10 години, според кое во тој период ќе дојде до големи промени на глобалната геополитичка и економска сцена.

Главен впечаток од извештајот насловен како „децениско предвидување 2015 – 2025 година‟ е дека идната деценија светот ќе биде поопасно место, со пад на влијанието но не и стабилноста на САД и со пад на моќта на Русија, додека ЕУ и некои други моќни земји ќе ги погоди период на хаос, криза и опаѓање.

Стратфорд предвидува дека САД и понатаму ќе бидат главна економска, политичка и воена сила на светот, но и дека ќе бидат многу помалку ангажирани од порано.

Како што се наведува, САД внимателно ќе ги бира предизвиците на кои ќе одговара и ќе има „луксуз‟ да се изолира од светските кризи, а основни причини за тоа како што предвидува Стратфор, ќе биде моќната домашна економија, зголеменото производство на енергија, пад во извозот, како и безбедност на животот во тој најстабилен дел од светот.

Кога станува збор за Русија, предвидувањата на Стратфор се многу помалку оптимистички.

„Нема да дојде до востание против власта во Москва, но се помалата моќ на Москва да ја одржува и контролира Руската Федерација ќе доведе до вакуум. Тоа што ќе остане во вакуумот се само некои делови на Руската Федерација‟ - се наведува во извештајот.

Санкции, пад на цената на нафтата, пад на рубљата, како и внатрешни тензии ќе ја ослабат моќта на централната власт над најголемата држава на светот, предвидува американскиот истражувачки центар со седиште во Тексас.

„Русија нема официјално да се распадне на повеќе држави, но власта во Москва би можела да ослаби до таа мерка што Русија ќе стане сојуз на полу-автономни региони, кои дури нема добро да се согласуваат меѓусебно‟ - се наведува во извештајот кој го пренесе „Блиц‟.

Од друга страна, руската нуклеарна инфраструктура е раширена на огромен географски простор и ако наведената дезинтеграција на Русија се оствари, тоа би значело дека оружјето ќе биде изложено на најголем „вакуум на моќта‟ на светот.

Токму ова, според Стратфор е најголема потенцијална криза во идната деценија. Поради тоа и САД ќе мора да најдат начин да реагираат на тоа, макар тоа значело и праќање на копнени сили за да се обезбеди оружјето кое би се нашло надвор од контрола, потенцира Стратфор.

„Вашингтон е единствена воена сила способна да направи нешто по прашањето на овој проблем, но нема да биде во состојба да ја преземе контролата над огромниот број на локации, како ни да пружи гаранција дека во текот на овој процес ниту една ракета нема да биде испалена. САД ќе бидат пред избор – или да обезбедат воено решение какво во овој момент тешко може и да се замисли, па потоа да ја прифатат и можноста за неконтролирано лансирање на ракети, или да создадат стабилна и економски одржлива влада во регионите за кои станува збор, па со време да се неутрализира опасноста од ракети‟ - пишува во извештајот на Стратфор.

Според предвидувањата на тексашкиот институт, една од водечките светски економии Германија во текот на следните 10 години ќе западне во големи проблеми.

Германија има економија која целосно зависи од извоз и која доживеа бум поради трговската либерализација и воведувањето на еврото и токму поради тоа Германија е таа која најмногу ќе изгуби од се поголемата криза на еврото во постојан бран на евроскептицизам.

Домашната потрошувачка нема да може да го надомести падот на извозот, а не помага и најавениот пад на бројот на жителите.

Резултат ќе биде стагнација каква што веќе е видена во Јапонија, наведе Стратфор. Малку источно од Германија работите нема да изгледаат толку лошо.

„Во центар на економскиот раст и се поголемо политичко влијание ќе се најде Полска. Бројот на жителите на Полска нема да бидат во таков пад како во другите земји на ЕУ. Фактот дека се работи за најголема и најпросперитетна европска држава на западната граница со Русија, исто така ќе и ја олесни позицијата на регионален лидер и земја со политички и економски престиж‟ - се наведува во извештајот.

Потсетувајќи дека не така одамна, европското единство делуваше како незапирлива историска сила која ги руши и политичките и економските граници меѓу државите, Стратфор предвидува дека за 10 години сето тоа ќе делува како далечно минато.

Децениската прогноза наведува на заклучокот дека ќе постојат четири Европи кои со тек на времето ќе бидат се повеќе оддалечени една од друга – Западна Европа, Источна Европа, Скандинавија и Британските острови.

И понатаму ќе мора да го делат истото соседство, но нема да бидат толку тесно поврзани како што тоа беше случај до сега.

„Можно е ЕУ да преживее во некој облик, но европските економски, политички и воени односи ќе бидат главно водени од билатерални или ограничени мултилатерални партнерства кои ќе бидат со помал обем и необврзувачки‟ - се наведува во извештајот на Стратфор.

Пред Кина е тешка деценија, со успорување на економскиот раст, што ќе доведе до се поголемо незадоволство од владеењето на Комунистичката партија.

Меѓутоа, тоа нема да доведе до либерализација на партијата, што значи дека единствен начин да се спречи хаосот ќе биде да ја засили внатрешната репресија – предвидува Стратфор.

Пред Пекинг е уште еден, можеби дури и поголем проблем – Кинескиот економски раст не бил рамномерно географски распореден.

Градовите на брегот доживуваат процут, додека внатрешноста има многу помал пристап до меѓународниот пазар, па тие области се многу посиромашни.

Потсетувајќи дека регионалните судири биле сила која го покренувала политичкиот хаос преку целата кинеска историја, Стратфор предупредува дека е можна последица од бунтови на богатите градови на брегот против планот на централната власт, богатството да се распредели порамномерно во внатрешноста.

Кинеската економија ќе доживее пад, а растот на производните капацитети ќе биде рамен на нула, а тоа се добри вести за цела една група на земји.

Пазарот на ефтина работна сила ќе биде префрлен на 16 помали држави, кои заедно имаат 1,15 милијарди жители.

Додека кинеската економија ќе биде во пад, што ќе доведе до непредвидливи политички и економски последици, своја шанса ќе побараат Мексико, Никарагва, Доминиканската Република, Перу, Етиопија, Уганда, Кенија, Танзанија, Бангладеж, Мјанмар, Шри Ланка, Лаос, Виетнам, Камбоџа, Филипини и Индонезија.

Од друга страна, американскиот Институт предвидува дека во следната деценија Јапонија ќе биде водечка поморска сила во Азија.

Јапонската поморска традиција е стара со векови, а како островска држава Јапонија многу зависи од увоз на одредени производи.

Кина и самата прави хипермодерна флота, па ќе стане уште поагресивна во контролирањето на транспортните рути во Источното кинеско море, Јужното кинеско море и Индискиот океан, од кои Јапонија зависи.

Јапонија единствено може да „излезе од линијата‟ на Кина и да ги задржи своите рути за снабдување и додека моќта на САД опаѓа, тоа ќе мора да го направи сама. 

Танјуг - Белград