Македонија
28. November 2019 - 8:26

Средниот век, Османлиската империја и Гоце Делчев теми на деветтата средба на Мешовитата македонско-бугарска комисија

Средниот век, Османлиската империја и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев се темите за кои ќе разговараат членовите на Заедничката комисија меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија на деветтата средба, која ќе се одржи денеска и утре во Софија.

Средбата е продолжение на претходната, која се одржа во Охрид и на која се дискутираше по забелешките за учебниците по историја и усогласување на препораки како да се подобрат истите, како и за евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев.

На првиот работен ден, како што информираа од Комисијата, предвидено е да се продолжи со дискусијата за учебниците по историја за седмо одделение според македонскиот образовен систем и шести клас според бугарскиот образовен систем, односно историјата на средниот век и Османлиската империја.

На вториот ден од средбата предвидено е членовите на комисијата да дискутираат за евентуално заедничко чествување на Гоце Делчев.

Оваа средба е шеста и последна средба за оваа година. До сега, Заедничката комисија има одржано осум средби и препорачано на владите на двете држави заеднички чествувања на Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самоил, како и препораки за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во Република Северна Македонија и петти клас во Република Бугарија кои се однесуваат на античкиот период од минатото.