Балкан
8. November 2017 - 21:02

Србија го повлече својот амбасадор од Киев

Откако украинскиот амбасадор во Белград, Олександер Александрович беше повикан на консултации во Киев, Србија денеска го повлече својот амбасадор од Киев.

Како што вечерва соопштија од српското Министерство за надворешни работи (МНР), шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ денеска го повика амбасадорот на Србија во Украина, Раде Булатовиќ на консултации во Белград, по повод актуелните случувања во односите со Украина.

Претпладне, белградските медиуми објавија дека украинскиот министер за надворешни работи, Павло Климкин и украинскиот амбасадор во Србија, Олександер Александрович, разговарале за односите со Србија, потенцирајќи го прашањето за српските платеници кои се борат во Донбас, регионот во источниот дел на Украина.

Во соопштението на српското МНР се наведува дека Србија нема да дозволи да биде колатерална штета на меѓународните односи, кои не се поврзани со Србија.

- Од почетокот на украинската криза, Србија во неколку наврати соопшти дека го почитува територијалниот интегритет на Украина и презеде бројни конкретни чекори во процесуирањето на српските државјани кои се борат во странство, вклучително и во Украина, покажувајќи посветеност во извршувањето на своите меѓународно-правни обврски, се додава во соопштението.

Дачиќ потсетува дека е познато за украинските платеници кои учествуваа во злосторствата што ги извршиле хрватските сили кон српскиот народ во Хрватска, кои Украина, за разлика од Србија, никогаш не ги осудила.

Олександер Александрович

Влошувањето на односите меѓу Србија и Украина се случи по интервју на украинскиот амбасадор Александрович, кога тој изјави дека „на рускиот претседател Владимир Путин не му е грижа за Србија, туку дека ја користи за да создаде хаос, да поттикне нови војни на Балканот, меѓу кои и Македонија, и да ја уништи Европа“.

- Русија обучува српски платеници да убиваат Украинци, ги искористи српските екстремисти за државен удар во Црна Гора и го поттикнува српскиот сепаратизам во Република Српска. Русија го користи српскиот фактор да ја дестабилизира Македонија. Таа има голема улога во незадоволството меѓу косовските Срби и косовските Албанци. Русија ѝ продава авиони на Србија за да создаде тензија во односите со Хрватска“, изјави украинскиот амбасадор во Белград.

Оваа негова изјава предизвика бурни реакции во српското МНР, чиј државен секретар Ивица Тончев соопшти дека МНР ќе биде принудено да реагира доколку украинскиот дипломат продолжи да ги крши одредбите од Виенската конвенција.

По овие критики од српското МНР, украинскиот амбасадор Олександер Александрович беше повикан на консултации во Киев.