Македонија
11. February 2024 - 21:38

Срамно е во 21-ви век да има инфраструктурни и архитектонски бариери за лицата со попреченост

Пристапот до институциите и архитектонските бариери и понатаму остануваат  еден од главните проблеми што им го отежнува секојдневието на лицата со попреченост. Разочарани се што и во 21-от век голем дел од нив ниту имаат исти услови за живот ниту пак ист третман како останатите. За да може државата, но и сите граѓани поблиску да се запознаат со нивните проблеми но и потреби здружението ,,Размислувај различно'' подготви платформа за познавање, помагање и почитување на лицата со попреченост. 

,,Проблемот е во тоа што ние луѓето со попреченост и покрај здравствените проблеми што ги имаме и се носиме со нив наидуваме на бариери од страна на институциите. Конкретно пристапот до институциите. Ве молам, 21 век а се уште да зборуваме за бариери од страна на институциите, многу жално и срамно за нас како држава'', вели Зоран Ристов, претседател на здружението ,,Размислувај различно''.

Платформата е сублимат на пет точки преку кои се потенцира дека постојат различни видови на попреченост, но ниту една не е подобра или полоша од другата, но и дека попреченоста може да биде тешка, но не е секогаш страшна, а повеќето луѓе со попреченост сакаат да бидат видени, слушнати, вреднувани и сфатени сериозно. Тие бараат да нема привилегија за одредени попречености и да се третираат со почит во секое време.

,,За жал постојат луѓе со попреченост кои се невидливи за државата, тие се на работ на егзистенцијата. Впрочем и во последниот извештај од Европската комисија за напредокот на државата тоа беше остро критикувано. Дискриминацијата за жал постои и кај луѓето со попреченост. Можеби не по вина на институциите, можеби не по вина на системот,  но не сме ние тие што пресудуваме, но апелираме и даваме до знаење дека луѓе се на работ на егзистенцијата и се невидени и неслушнати од страна на институциите'', вели Ристов

Платформата од една страна треба да овозможи и да се подигне јавната свест во општеството за проблемите со кои се соочуваат лицата со попреченост, но истовремено и да информира дека и тие лица знаат и умеат и можат да придонесат со своите вештини, а за да го направат тоа потребен е подеднаков третман со сите граѓани.