Македонија
11. August 2022 - 12:22

СПМ: Најавата за реформа на даночниот систем во услови на повеќеслојна криза е несоодветна

Социјалистичката партија на Македонија најавата за реформа на даночниот систем во услови на повеќеслојна криза ја цени за несоодветна на состојбите во државата.

На Владата треба да и е јасно дека нови концепти во даночната сфера, со цел зголемување на даночните приходи и проширување на даночната основа, се прават во стабилни услови. Оттаму е крајно лицемерно да се зборува за концепт насочен кон креирање на оптимален даночен систем, кој ќе го поддржи економскиот раст и животниот стандард на граѓаните во услови на перманентна здравствена криза, финанска криза со висока двоцифрена инфлација, секојдневни ценовни покачувања, неизвесна енергетска криза и на прагот на прехрамбена криза. Во овие прилики да се измислуваат нови даноци е крајно неодговорно, несериозно, но и нехумано кон граѓаните и стопанството. На овој начин Владата свесно поттикнува сива економија, затварање на деловните активности и создава простор за зголемено даночно затајување и недисциплина.

Барањето за зафаќање нови 54 милиони евра годишно од граѓаните и стопанството укажува на нереално согледување на состојбите во државата. Не се прикажува каде ќе се насочат овие средства, дали за отплата на долгови или за нови проекти за граѓаните и стопанството, или можеби за плати на превработеноста во администрацијата, или за нови коруптивни тендери на јавните претпријатија.

Немањето средства во буџетот е сериозен показател дека државата лошо управува со јавните финансии и не успева да ги собере даноците што укажува на слабост на институциите, незнаење или коруптивност, со оглед дека даночните обврзници кои не плаќаат даноци се познати затоа што за нив се објавуваат податоци.

Даночната евазија е на највисоко ниво што е сериозна слабост на власта. Штедењето на јавните финансии воопшто не се планира.

Не станува збор за никаква даночна реформа туку за ново даночно наметнување за покривање на лошата буџетска проекција на власта и нејзината незаситна потреба за дополнителни финансиски средства кои ќе се извлечат од граѓаните.

Социјалистичката партија на Македонија исто така предупредува на отсуството на отчетност за трошењето на народните пари, а покрај енормното задолжување нема ниту раст и развој, не постојат ниту капитални инвестици или реализација на било кој капитален проект. Економијата е во слободен пад, државата заостанува во сите сектори на уравувањето, а народот се повеќе осиромашува.

Владата со новите даноци невешто посакува да го сврти вниманието на граѓаните од нејзините неуспешни политики и катастрофални решенија, кои граѓаните и опозициските партии јавно ги осудија и отфрлија.

Според предлозите даночниот товар треба да го понесе најширокиот слој на населението, односно најсиромашните граѓани, што доволно говори за индикативно идеолошки дезориентираниот владеачки СДСМ со вистинското лице како отворен заштитник на крупниот капитал преку безмилосната пауперизација на граѓаните.

Социјалистичката партија на Македонија апсолутно е против таквиот пристап, со оглед дека не се предвидува богатите да плаќаат повеќе и прогресивно, иако тие можат, а заедно со данокот на профитите од банките, да го покријат недостигот на средства во буџетот.

Македонските социјалисти ги поддржуваат барањата за стабилен економско-финснсиски систем во кој државата се грижи за сите категории граѓани, а особено за социјалните, вообичаено за секоја социјална држава.

Социјалистичка партија на Македонија