Македонија
30. August 2024 - 16:39

Советот на јавни обвинители со нов член

Владината најава за распуштање на советот на јавни обвинители е мешање во независноста на обвинителската служба. Обвинителката Марјана Илиеска која денеска ја презема функцијата член на Советот на јавни обвинители се противи на планот за распуштање на телото.. Смета дека зголемувањето на довербата во правосудниот систем треба да оди преку реформи во судскиот и советот на обвинители, ама без нивно распуштање.

„Сметам дека само со длабоки реформи во овие две институции би можеле да се надминат овие состојби. Бидејќи, најавата за распуштање мислам дека значи и мешање во независноста на судството и јавнообвинителската функција. Само со коренити промени во овие институции би можело да се постигнат целите и да се подигне довербата  на граѓаните“, изјави Марјана Илиеска, Член на Совет на јавни обвинители.

Обвинителата Илиеска за член на советот беше избрана на крајот од минатиот месец.. За неа гласале 19 од вкупно 22 обвинители од подрачјето на битолското вишо обвинителство.. Денеска во Собранието се заколна на одговорност и чесност во работата.

Според Илиеска, ниската доверба во правосудсвото не може да се припишува само на советите.. Во менување на таквата слика вели потребна е поддршка и од останатите државни институции.

„Со севкупна заложба на сите членови ќе придонесеме да се намали таквата перцепција кај граѓаните се со цел да придонесеме кон намалување на корпуцијата. Меѓутоа, не само обвинителството и судството, во намалувањето на корупцијата треба да придонесат и другите институции бидејќи тоа е севкупен проблем на нашата држава“, вели Илиеска.

Во советот, Илиеска влегува како долгогодишен обвинител во Прилеп.. Таа во текот на мината година пријави дека и се заканувале по животот, а потоа и беше запален и автомобилот.