Со ново одделение ЈО ќе се бори против корупцијата
Со Осум обвинители во ново одделение за сериозен и сложен криминал Основното јавно обвинителство ќе ја зголемува ефикасноста во насока на поефективна борба против корупцијата.
„Ова одделение ќе постапува по предмети за кривични дела за кои е пропишана казна доживотен затвор со поголем број обвинети и обем на докази, предмети во кои се спроведуваат финансиски истраги, сложени предмети со поголем број кривични дела, обвинети или обем на докази и предмети од исклучителен интерес на јавноста“ – се вели во соопштението на Обвинителството.
За шеф на новото одделение скопскиот обвинител Бубевски го назначил Владимир Милошевски, искусен обвинител, во јавноста познат по неколку звучни предмети меѓу кои и Поткуп, против екс премиерот Зоран Заев и автобуската несреќа во Бугарија.
Од обвинителството велат дека на ваков чекор се одлучиле поради поголемиот прилив на предмети оваа година кои дојдоа по измените на кривичниот законик но и зголемениот обем на потешки облици на криминал.
Отворањето на новото одделение доаѓа во време кога Владата најавува интензивна борба против корупцијата, а Министерот за внатрешни работи не крие дека располага со докази кои водат до високи структури на поранешната власт
Основното јавно обвинителство со години е под силни критики за политички влијанија и селективна правда, а оние кои секојдневно го практикуваат правото не се оптимисти дека формирањето на ново одделение ќе ја подобри состојбата и ќе ја зголеми ефикасноста
Последниот обид на македонското правосудство да води поостра борба против криминалот и корупцијата беше формирањето на Специјалното јавно обвинителство. Иако стаува збор за целосно различен организациски модел, останува фактот дека приказната СЈО заврши како комплетно промашување и резултираше со затворска казна за специјалната обвинителка, Катица Јанева.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар