Македонија
3. March 2021 - 17:10

Собранието и изгласа доверба на Владата

 Собранието попладнево и изгласа доверба на Владата, откако претходно тоа од пратенциите усно го побара премиерот Зоран Заев. За доверба на Владата гласаа 62 пратеници, а ниту еден од присутните не беше против.

Гласањето за доверба беше без претходна расправа. Според собранискиот деловник, во случај кога прашањето за доверба на Владата го поставува премиерот усно на седницата на Собранието, пратениците се изјаснуваат на истата седница, без расправа.

Премиерот Заев пред гласањето истакна дека побарал пратениците да се изјаснат за доверба на Владата, по прв пат на ваков начин во парламентарната историја во земјава, за да се разјаснат некои работи што во јавноста ги наметна опозицијата околу владејачкото мнозинство во Собранието.

– Ја преземам одговорноста да се соочиме и да расчистиме. Да го видиме на дело толку најавуваното мнозинство од опозицијата која наводно ќе ја падне оваа влада. Ова е моментот да покажеме пред граѓаните колку има вистина од опизицијата, да видиме за што станува збор – стабилна власт со стабилно мнозинство или разнишана опизиција, рече Заев пред пратениците.

Тој ја обвини опозицијата за блокади и опструкции на државата и за пласирање лаги за теснопартиски  интереси и за создавање несигурност кај граѓаните.

– Нема да дозволиме несигурност, неизвесност, сопки, блокади и опструкции, нагласи Заев.

Тој образложувајќи ги причините зошто го преземал овој чекор, рече дека нивната единствена меница е довербата на граѓаните на изборите и владината програма со силна политичка волја за континуитет во спроведувањето на заеднички прифатените стратешки приоритети на нашата земја.

– Денес ќе се види дека оваа владина коалиција оди и чекор понатаму во практикувањето на демократијата и нема ништо против пратениците од помалите политички партии на нашата коалиција да го користат легитимното право да делуваат самостојно во парламентот, нагласи Заев.

ВМРО-ДПМНЕ, според него, ќе остане запаметена по тоа што, како што рече, „беше најголемиот кочничар на реформите, мерките и политики што се во интерес на граѓаните“.

– Паралелно со спроведувањето на здравствената стратегија за ефикасно справување со КОВИД-19 се работеше и се подготвија четвртиот и петтиот пакет економски мерки… Насочивме околу 1 милијарда и 300 милиони евра кон граѓаните и стопанството за да обезбедиме стабилна одржливост на економијата со потенцијал за ревитализација. Инициравме процеси во енергетиката и енергетската ефикасност и активиравме тренд на преминување кон извори на чиста енергија и на сигурно снабдување со гас за македонската гасоводна мрежа чија градба е во напредна фаза. Почна реализација на фотоволтаичните централи, рече Заев.

Додаде дека се обврзуваат на силна, бескомпромисна борба за заштита на животната средина со 70 милиони евра еколошки чистиот и брз автобуски систем во Скопје. Влеговме, рече тој, во време на прочистување на судството и неселективно владеење на правото.

– Паднаа првите пресуди за најтешките дела за злосторничко здружување против државата и граѓаните. Процеси со правна разрешница кои поминаа низ независни, ефикасни, транспарентни и законски судски рочишта. Започна пописот како чиста статистичка операција од чии показатели ќе произлезат насоките за некои од најзначајните прашања за идниот стратешки развој на земјата. Од оваа година Македонија слави една година од членството во НАТО со уште едно одличје на кое пишува – „Ние сме НАТО. Заедно сме посилни“. Како Македонци и со нашиот македонски јазик ќе бидеме и членка на ЕУ, заклучи Заев.

Опозицијата не присуствуваше на седницата за време на гласањето за доверба на Владата. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, пред напуштањето на седницата го обвини парламентарното мнозинство дека нема храброст да дозволи три дена расправа за, како што посочи, да ги кажат сите аномалии на Владата.

Одлуката за изгласување недоверба на Владата, според Утсваот и собранискиот деловник, се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако на Владата и е изгласана недоверба, должна е да поднесе оставка.

Ако, пак, добие поддршка во Собранието, повторно прашање за доверба на Владата не може да се постави пред истекот на 90 дена од последното гласање за доверба, освен ако прашањето за доверба го постави мнозинството од вкупниот број пратеници.