Со возачка со „Република Македонија“ ќе може да се вози до 31 декември
Со 110 гласа „ЗА“ пратениците го продолжија рокот на важноста на возачките дозволи. По повеќе координации пратениците од власта и опозицијата заедно со техничкиот премиер се договорија возачките дозволи и возачките книшки со „Република Македонија“ да важат до 31.12.2024 година.
-Ова законско решение ќе помогне во надминување на дел од проблемите со личните документи и возачките дозволи на граѓаните, ќе овозможи намалување на долгите редици за чекање и олабавување на цела напнатост кај граѓаните, вели координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПНЕ, Никола Мицевски.
Претседателот Пендаровски кој вчера бурно реагираше откако МВР на помалку од 48 часа извести дека возачките дозволи нема да можат да се употребуваат веќе од утре, вели дека сега државата ќе има доволно време за да ги исправи пропустите.
-Треба да се сменат во тие 10 месеци, околу 270.000 возачки дозволи. И тоа е изводливо. Добро е што конечно се оди во таа насока и што партиите и од власта и од опозицијата постигнаа конечно консензус за едно прашање кое е од значење за сите граѓани, вели Пендаровски.
Но изутрината во Законодавниот дом пристигнаа два предлога. Еден од техничкиот министер за внатрешни и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, а другиот од владејачката СДСМ.
Освен продолжување на рокот за возачките, опозицијата бараше и продолжување на рокот на пасошите, но пратениците не успеаја да се договорат за ова прашање, па тоа воопшто не се најде на пленарна седница.
Министерот Тошковски вели дека со само мала пермутација во законите може да се реши целиот проблем со личните документи. Меѓутоа, кажа и дека во моментот нема обрасци за нови возачки дозволи и пасоши.
-Ова се рокови во кои е возможно согласно објективни, технички, нормални капацитети да ги издадеме во соодветен број и едните и другите документи. Ова е реалноста, вели техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Владејачката СДСМ, пак прстот го впери кон Тошковски кој на функцијата е две недели. Според портпаролот на СДСМ, целиот хаос бил поради неодговорното однесување на ВМРО-ДПМНЕ.
-Граѓаните не смеат да бидат казнувани. Никој не смее да биде казнет за учество во сообраќајот. Ова е соодветно решение, возачките се за домашна употреба и мора да важат и понатаму, рече Каевски.
Претставниците на власта во изминатиот период уверуваа дека возачките дозволи ќе можат да се користат дома и по рокот утврден со Преспанскиот договор. Дури и техничкиот министер за внатрешни откако стапи на функција кажа дека со нив ќе може да се управува со моторно возило. Но МВР официјално извести за нивната важност на помалку 48 часа пред крајниот рок.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар