Македонија
17. February 2016 - 15:47

Со претставата „Кирил и Методиј“ ќе се одбележи 66 годишниот јубилеј на театарот во Прилеп

Со бесплатната претстава „Кирил и Методиј, who are you“ од Јордан Плевнеш, во режија на Мартин Кочовски, утревечер од 19.30 часот народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп ќе ја одбележи 66 годишнината од своето постоење.
 
Тони Чатлески, директор на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во чии рамки е прилепскиот театар, на денешната прес-конференција нагласи дека претставата за утрешниот јубилеј им ја посветуваат на двајцата починати актери на театарот: Благоја Спиркоски-Џумерко и на Благоја Алексоски.
 
- Претставата им ја посветуваме на двајцата актери, кои починаа меѓу двете годишнини на театарот. Благоја Спиркоски-Џумерко со години беше еден од водечките актери во ансамблот, а Благоја Алексоски беше еден од  основоположниците на театарот и даде голем придонес за неговиот развој не само како актер, туку  и како режисер, рече Чатлески.
 
Чатлески нагласи дека низ годините театарот растел и се развивал, за моментно да биде еден од најдобрите театри во Македонија, докажано со бројните театарски претстави кои беа прогласени за најдобри не само на МТФ „Војдан Чернодрински“, туку и на фестивалите надвор од Македонија.
 
- Низ годините колективот се збогатувал со искуство во секојдневната практика. Денеска ансамблот е подмладен со нови, талчентирани актери кои суверено владеат на сцената. Во 66-те години постоење, се поставени над 350 премиери, одиграни се околу 8000 претстави, кои ги гледале речиси два милиони посетители, вели Чатлески.
 
Првата претстава на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ е изведена на 18 февруари 1950 година. Тоа е претставата „Кир Јања” од Јован С.Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски.
 
Претставата „Кирил и Методиј“ која утревечер ќе биде изведена во чест на големиот јубилеј на прилепскиот театар светска премиера имаше во Букурешт, Романија, беше прикажана и на фестивалот „Ескпонто“ во Љубљана, Словенија, а праизведбата ја имаше на Охридско охридско лето.
 
Моментално, во тетарот се работи на две претстави „Хамлет од Долна Мрдуша...“, во режија на Кирил Петрески и „Обѕрни се во гневот“ во режија на Кристина Димитрова.