Македонија
16. July 2024 - 12:51

Со четири хеликоптери и ер трактори се гасне пожарот на планината Серта од неготинска страна

Во моментов четири хеликоптери и ер трактори вршат гаснење на пожарот и од воздух, на планината Серта од неготинска страна. Пожарот што избувна во средата околу 10.30 часот е се уште активен и денеска се гасне од земја и воздух. Неготинскиот градоначалник Горан Стојанов во изјава за МИА нагласи дека се прават максимални напори за справување со пожарот. 

- Пожарот што деновиве е активен на подрачјето на општина Неготино ги интензивира активностите. Од раните утрински часови екипи на ТППЕ Неготино, ТППЕ Кавадарци, припадници на АРМ, ОВР Неготино, припадници на ЕБР како и претставници на Македонија пат интензивно работат на расчистување на дрвјата од двете страни на патниот правец Неготино – Штип, со цел спречување на поголемо проширување на пожарите, информираше Стојанов.

Кризниот штаб на Неготино синоќа најави најмасовно гаснење на пожарот на Серта од воздух и од земја.  На одржаниот состанок во проширен состав, беа координирани предвидените активности во врска со гаснењето на пожарот на планината Серта. Најавено беше и дека денеска од воздух ќе се дејствува со четири хеликоптери и три авиони за гаснење пожар, додека од земја ќе дејствуваат припадници на АРМ, МВР, ЕБР, пожарникари од повеќе градови, јавните комунални претпријатија, Национални шуми, ловџии и други доброволци. 

- Кризниот штаб ја обезбеди и потребната механизација за дејствување од терен, соопштија од Кризниот штаб.