Македонија
26. December 2020 - 16:43

Службеничката од Лозово тврди дека мобингот продолжува и по судската одлука, градоначалникот негира

Ништо нема да биде ново во Новата Година за службеничката во општина Лозово Виолета Спасова Колева. Првиот работен ден во 2021 за оваа мајка на 11 месечно бебе ќе почне исто онака како што и завршија претходните три.

Колева веројатно го држи рекордот во добиени дисциплински постапки од страна на актуелното раководство на општина Лозово предводено од градоначалникот Ацо Велковски. За три години откако тој е прв човек на општината таа дури 6 пати морала да се појави на сослушување пред дисциплинската комисија за на крајот, општината да ја избрка од работа и тоа во време кога била бремена со нејзиното второ дете.

Кога пред нешто повеќе од 1 година нејзиниот случај го привлече вниманието на медиумите и два дена откако застана пред камерата на Сител, Штипска апелација донесе пресуда со која му наложи на градоначалникот Велковски да ја врати на работа одбивајќи ги сите дисциплински постапки кои општината ги водеше против неа.
Но назад на работното место Виолета не ја чекаше ништо ново, па само 3 месеци по враќањето, општината и се заканува со нова дициплинска постапка за настан кој наводно се случил пред повеќе од 19 месеци, односно пред судот да одлучи да ја врати на работа.

Виолета сега обвинува дека мобингот врз неа добива нови димензии, па раководството на општината против неа отвора постапки и пред судовите за настани за кои таа тврди дека никогаш не се случиле.

Став баравме од градоначалникот на општина Лозово Ацо Велковски. Но тој, откако го слушна нашето прашање кратко рече дека нема ништо од тоа и ни спушти слушалка.
Дека е жртва на мобинг во општина Лозово пред камерата на Сител низ солзи сведочеше и една хигиеничарка а премиерот Заев на крајот на минатата година рече дека неговиот кабинет директно ќе го испита случајот. Една година подоцна во општина Лозово се чини дека ништо не се менува. Покрај Виолета, со слични проблеми се соочувале уште неколку службенички но како што таа тврди, кога ќе видат со што се се соочува таа, самите се обесхрабруваат за тоа да проговoрат јавно.

Македонија е земја во која првата пресуда за мобинг била донесена пред нешто повеќе од 4 години. Адвокатите кои ја работат оваа материја велат дека во последните неколку години ситуацијата се подобрува но се уште сме далеку од констатацијата дека работниците остануваат заштитени на своите работни места.