Македонија
19. February 2025 - 16:37

Случајот со обвинителот Коцевски под лупа на САД, Правда го подготвува предлогот за разрешување

САД будно ги следат случувањата во македонскиот правосуден ситем и барањата за разрешување на државниот обвинител Коцевски и смената на членови на Судскиот совет. Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, не сакаше да ги коментира процесите, но вели ги следи сите изјави и очекуваат да видат дека законот функционира.

Иако вели дека САД не можат да дадат гаранции дека нема да има нови услови за македонските ЕУ интеграции, сепак Агелер била задоволна од интензивните посети на македонската влада во Вашингтон - биле знак за продлабочување на билатералната соработка.

-Вашингтон не дава гаранции на патот кон ЕУ, бидејќи ние не сме дел од Европската унија. Мислам дека тоа е дискусија што се случува и што се случи со високи функционери во ЕУ, но ќе кажам дека сум задоволна што премиерот и членовите на неговиот Кабинет се во Вашингтон. Ова е важен однос и мислам дека тоа што тој беше таму неколку пати по преземањето на функцијата премиер и неколку други министри, тоа зборува за блискоста на односите и многуте начини на кои ние како САД и Северна Македонија можеме билатерално да соработуваме“, рече Агелер.

А откако доби задолжување на вчерашната владина седница, Министерството за правда забрзано го подготвува предлогот за разрешување на Коцевски, потврдија оттаму. Иако нема рок до кога треба да биде изготвен предлогот, најавите се дека на следната седница на влада во вторник документот да биде готов. Според постапката, по добивањето на предлогот владата истиот треба да го проследи до Советот на Јавни обвинители кој најмногу за 30 дена треба да даде и свое мислење за разрешувањето на републичкиот обвинител.

Американската амбасада неколкупати предупредуваше дека состојбата во македонскиот правосуден систем е алармантна, но и се интензивираше постапката за ставање на црната листа на лица од Мкаедонија вмешани во случаи со значителна корупција.