Македонија
12. November 2021 - 12:40

Скринингот на учениците нема да даде прецизни податоци – потребни се повеќе тестови

Вирусот е се поприсутен кај помладата популација, но за да се добие јасна слика дали во училиштата има трансфер или тој се внесува од надвор мора да бидат тестирани најмалку 10 до 15 проценти од учениците, смета епидемиологот Сашко Олумчев.

Според него со моменталниот скрининг кој опфаќа околу 3% од учениците не може да се добијат релевантни резултати. 

,, Мора да биде барем 10 проценти од вкупната популација, што значи 10 проценти од училишните деца. Ако имаме во едно училиште 500 или 800 деца се знае колку, барем десет до петнаесет проценти за да извлечеме некои заклучоци. Со 2,5 или 3 проценти ние не можеме да имаме релевантни резултати, плус тоа немаме ни евиденција дали тие деца што се одбрани дали се по случаен избор, дали се прележани, дали не се, дали се вакцинирани или не, така да според мене во моментот не можеме да извлечеме некоја информација со која ќе формираме една генерална слика за состојбата во училиштата.,, вели Д-р Сашко Олумчев - Епидемиолог.

За разлика од истиот период лани кога речиси и да немало позитивни деца на корона вирусот моменталните тестирања покажувале дека сега токму тие се една од главните таргет групи. Според Олумчев тоа e пред се резултат на нивната здравствена не дисциплина и непочитувањето на мерките.

,, Ланската годида да речеме скоро и да немавме деца за тестирање. Сега имаме и кај нив најголем дел позитивни резултати покажуваат токму тие ученици, малку повозрасните во основните училишта и повозрасните во средните училишта кои се како што реков, здравствено по недисциплинирани.,, вели Олумчев.

Растот на бројките за Олумчев е очекуван, бидејќи времето заладува, концентрацијата на луѓето во затворен простор е се поголема, а мерките пред се носењето на маски и држењето дистанца не се почитуваат. Дополнителен проблем претставува и нискиот тренд на вакцинација. Потенцира дека единственото решение е превентивата, но и да се најде начин да се реактивира процесот за имунизација кој драстично опаѓа, во спротивно вирусот ќе продолжи да циркулира и да создава нови мутации.