Скопје се сеќава - Во чест на жртвите од трагичниот земјотрес
И по 52 години сеуште се свежи сеќавањата и болката на скопјани кои во катастрофалниот земјотрес ги загубија своите најблиски. Со солзи во очите тие и денес се навраќаат на кобното утро во далечната 63-та кога ги разбудил силен татнеж и тресење. Земјотресот со интензитет од 6,1 степен според Рихтер, чиј епицентар бил на плоштадот Македонија за само неколку секунди главниот град го срамнил до темел. Постарите скопјани велат дека секоја секунда за нив била надеж дека нивните најблиски се сеуште живи и некаде евакуирани. Со солзи трчале по разурнатите улици и се молеле да не препознаат некое од безживотните тела.
Силниот земјотрес зад себе остави 200.000 скопјани без покрив над глава. Под урнатините животот го загубија повеќе од 1000 луѓе, а околу 4000 беа повредени. Во нивна чест пред споменикот на загинатите на градските гробишта во Бутел утрово свежо цвеќе положија делагации на градот Скопје, Владата, Собранието, Министерството за одбрана, здруженија на граѓани и претставници на дипломатскиот кор.
Во обновата на градот Скопје помогнале точно 87 нации. Првата помош дошла од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики, а неколку дена подоцна помош пристигнувала од целиот свет. Благодарение на светската солидарност, Скопје денес живее како европска метропола. Единствен нем сведок на големата трагедија е часовникот на Старата железничка станица чии стрелки застанаа во точно 5 часот и 17 минути.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар